Ставрески: Индустриските зони успешен проект

11.09.2015 16:39

Општина Василево е успешен пример откако се имплементираше проектот за отворање на најмалку една индустриска зона во секоја општина. Денес, малите фабрики и погони во Василево се протегаат на 88 хектари површина, што е речиси половина од ТИРЗ Скопје...

79 компании со 400 работници ангажирани преку целата година работат во четирите индустриски зони во Василево, со што оваа општина стана успешен пример откако се имплементираше проектот за отворање на најмалку една индустриска зона во секоја општина. Денес, малите фабрики и погони во Василево се протегаат на 88 хектари површина, што е речиси половина од ТИРЗ Скопје.

„Условите што ги нуди општина Василево се одлични и за домашните и за странските инвеститори. Локалната самоуправа е максимално отворена за која било фирма што ќе покаже интерес. Министрите за странски инвестиции и економските промотори, се максимално фокусирани да се привлечат инвеститори во сите општини во Македонија. Како што беше неодамна најавено од страна на премиерот, и во општина Струмица набрзо ќе имаме почеток на реализација на крупна инвестиција од американска фирма со која ќе се отворат најмалку 1.500 вработувања. Ориентацијата и понатаму ќе остане да се овозможи секаде каде што има можност да се донесе странски инвеститор“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Кога пред повеќе од пет години Владата донесе одлука за продажба на неизградено земјиште за сума од едно евро за метар квадратен, заедно со намалувањето на комуналиите, се создадоа услови домашниот бизнис сектор полесно да ги реализира инвестициите, рече Ставрески. Повеќе од 2.500 фирми ја искористија можноста и го откупија земјиштето. Па, така зоните во Василево се полни. Како што информира градоначалникот, на продажба се само уште две парцели.

„Атрактивноста на нашата зона се состои во тоа што не само што се наоѓаме на одлична географска положба, туку и намалувањето на комуналиите кои во моментот изнесува 125 денари и е многу пониско во однос на другите општини, како и она што значи опремување на индустриските зони“, изјави градоначалникот на Василев, Ванчо Стојанов.

Индустриските зони во Василево, претежно, околу 90 насто се со фирми од агросекторот.

„Решивме да инвестираме во два погони, од кои едниот е за прехрамбена индустрија, а другиот е во хемиската индустрија. Со помош на Владата и проектот Македонија вработува ги искористивме бенефициите, па во план е подготвување на уште два погони“, изјави Боро Стојков, директор на фирма во индустриската зона во Василево.

Преку проектот Македонија вработува во Струмичко се реализирани 344 вработувања, а во Василево - 25.

 

Анита Димитријевска