Разбиена меѓународна криминална група нарко дилери
Кокаин, хероин и марихуана пронајде полицијата во акцијата во градови во западна Македонија. Приведени се 11-мина. Оперирале и дома и во странство. Во рацете на безбедносните сили паднаа по повеќемесечна меѓународна истрага. Освен за дрога, се теретат и за криумчарење мигранти...

11-мина се приведени во регионална полициска акција за сузбивање на група нарко дилери во Македонија, Србија и Албанија. Петмина се уапсени кај нас. Набавувале кокаин, хероин и марихуана преку разработени канали. Биле следени подолг период, информираат во МВР.
Полициите им влегле во трага и во неколку наврати имало и заплена на наркотици. Во развиената мрежа била вклучена и 41- годишна жена од Велес. Делувале на национално и на меѓународно ниво.
„Во последната фаза од акцијата, односно во текот на вчерашниот ден, беа на наша територија, главно на подрачјето на Тетово и на Дебар приведени пет лица. Од нив четворица се од Тетово, на возраст од 31 до 45 години, и едно лице е од Дебар на возраст од 36 години, кои се товарат дека биле дел од оваа меѓународна криминална група, која главно е осомничена поради недозволена трговија со наркотици“, изјави Иво Котевски, помошник–министер за односи со јавноста во МВР.
Полицијата извршила претреси во домовите на приведените и пронајдени се помали количини на кокаин и хероин. Покрај трговијата со наркотици, групата се занимавала и со криумчарење луѓе. Во еден случај еден од уапсените успеал да и побегне на полицијата додека превезувал мигранти од Гевгелија. Го оставил возилото на автопатот со 6-мина мигранти и се дал во бегство.
Наташа Гркова- Петрушевска
