МРТ на терен: Засилен бран Сиријци и Авганистанци на Табановце

11.09.2015 17:11

Се засилува бегалскиот бран низ Македонија. Само за последното деноноќие се издадени 1.000 дозволи, од нив третина се деца кои патуваат без родителска придружба. Црвениот крст и другите хуманитарни организации секојдневно го зголемуваат бројот на пакети. Наша екипа беше на железничкиот граничен премин со Србија...

Македонската телевизија е овде некаде околу половина час. Запознавме многу луѓе, испративме многу групи. Овој пат, не остана празен ниту за еден момент. Постојано поминуваат мигранти кои пешачат за да стигнат до својата посакувана цел во Европа.

После илјадници поминати километри само попатно земаат храна и продолжуваат. Најголемиот дел од нив не знаат англиски, но ја искористија камерата на мајчин јазик да испратат порака до властите во нивната земја.

„Младите луѓе кои се силата и иднината на Авганистан си заминуваат. Оставивме цели семејства таму во потрага по безбеден и подобар живот“, изјави еден млад мигрант.

„Во мојата земја е многу лошо“, вели друг.

Двојно е зголемен бројот на мигранти кои транзитираат преку Македонија. Според податоците на МВР, само во последното деноноќие издадени 1.000 дозволи. Дури 32 дозволи биле издадени на деца кои патуваат без родители. Најбројни се сиријците. Екипите на Црвениот крст и на невладините организации забележуваат дека бегласкиот бран се засилува. Велат дека од ден на ден мораат да подготвуваат сѐ повеќе прехрамбени пакети.

„Има околу 500 пакети, има сок, кроасани, влажни марамици, бисквити, вода“, изјави Маријан Зефиќ- НВО „Македонија каритас“.

Откако за неколку часа добиваат дозвола, Македонија станува уште една обележана земја од нивната долга рута. И покрај бојкотот на Железница, возовите кои превезуваат мигранти возат постојано, велат од независниот синдикат на машиновозачи.

„Мигрантите ги возат четворица колеги. Сабајле дошле, утре одат истите луѓе“, вели Душко Чакаровски, Независен синдикат на машиновозачи.

Според податоците на УНХЦР, бранот на бегалци кои транзитираат низ Македонија ќе достигне до 3.000 дневно.

 

Катерина Топалова