Случајот „Монструм“ пред скопска Апелација

11.09.2015 17:24

На јавна седница се разгледуваа жалбите од петтемина осудени на доживотна робија. Судењето се одвиваше под силна полициско обезбедување...

Под силно полициско обезбедување, скопска Апелација на јавна седница почна со разгледување на жалбите на осудените во „Монструм“. Откако од затворите во Скопје, Битола и Штип беа спроведени во судницата, повеќе од два часа судијата известител Зоран Димитриевски ја образложуваше првостепената пресуда напишана на повеќе од стотина страници. Тој истакна делови од пресудата, изјави на сведоците и доказите што ги ценел основниот суд при донесувањето на  пресудата: доживотен затвор за петмина обвинети и ослободителна за еден од нив, Сејди Рами. Се образложуваа и писмените жалби на адвокатите и на обвинетите, со право дополнително да се изјаснат по однос на наводите во писмените жалби.

На претходно одложената седница адвокатите најавија дека ќе побараат укинување на пресудата поради тоа што, според нив, била заснована само на исказот на заштитениот сведок. А јавниот обвинител најави дека ќе побара осудителна пресуда за обвинетиот Сејди Рами кој, пак, поради недостаток на докази, беше ослободен од вина.

Откако ќе ги разгледа сите искази Апелацискиот суд може да ја потврди пресудата, да ја укине и да ја врати на повторно судење, или делумно да ја потврди, или да интервенира во висина на казните.

На седницата не присуствуваа роднините на убиените момчиња. Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток. Од само метар и половина, брутално е стрелано во момчиењата.

За овој грозоморен чин, обвинителството ги обвини Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и неговиот брат Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сејди Рами, а Хаки Азири беше обвинет за помагање за извршено дело тероризам.

Фиљана Кока