Етички кодекс на Македонската Радио Телевизија
.
Етички кодекс на
МАКЕДОНСКАТА РАДИО ТЕЛЕВИЗИЈА
1. Општи одредби
Член 1
Со Eтичкиот кодекс на МРТ се утврдуваат правила за професионално и одговорно работно однесување и работа на вработените во МРТ, како и професионалните стандарди и етичките начела, главно во создавањето на програмата и на други аудиовизуелни производи коишто МРТ ги произведува самостојно или во соработка со други, како и постапки за утврдување повреди на овој Кодекс.
Одредбите на Етичкиот кодекс (во понатамошниот текст Кодекс) ги обврзуваат работниците кои склучиле договор за работа со МРТ, без разлика на обликот и времето на траење на тој договор.
Одредбите на Кодексот ги обврзуваат и се применуваат и на надворешните соработници на МРТ коишто ги ангажира МРТ за вршење одредени дела. Надворешните соработници се должни да ги извршуваат своите задачи во согласност со склучениот договор, со содржина, облик и начин што не е спротивен на одредбите од овој Кодекс.
Член 2
При склучување договор за работа и договор за ангажирање надворешен соработник, работникот, односно надворешниот соработник на МРТ е обврзан да се запознае со овој Кодекс. За таа обврска, МРТ е задолжена да го извести работникот, односно надворешниот соработник при склучувањето на договорот и да му овозможи увид во Кодексот.
Во постапката во која се утврдува одговорност за повреда на Кодексот, никој нема да може да се повикува на непознавање на одредбите од Кодексот.
Член 3
Со почитувањето на одредбите од овој Етички кодекс се обезбедува зголемена одговорност во работењето, подобрување на квалитетот во давањето услуги и примена на највисоки стандарди и работна етика.
Во согласност со одредбата од претходниот став, сите вработени во МРТ се обврзуваат да ги почитуваат темелните начела на професионалното и одговорно работно однесување и работа во која, главно, се вбројуваат:
- законитост во работењето;
- професионалност, стручност, доверба и објективност во работењето;
- чесност во работењето;
- лојалност кон МРТ, чување на угледот и интегритетот на МРТ;
- економично, ефикасно и со домаќински однос користење и чување на средствата и имотот на МРТ;
- еднаков третман на страните и почитување на човековите права;
- спречување судир на интереси, корупција и злоупотреба на овластувањата;
- доверливост и заштита на податоците во согласност со законските прописи и општите акти;
- политичка непристрасност и неутралност.
Програма на МРТ
Член 4
Тргнувајќи од обврските на јавното радиодифузно претпријатие во своето дејствување да ги промовира јавните интереси, да ги почитува интересите на јавноста, а за својата работа да одговара пред неа, работниците во МРТ во реализирањето на програмата се обврзани:
- да придонесуваат за почитување и промоција на темелните човекови права, слободи и демократските вредности и унапредување на културата на јавниот дијалог:
- да ги почитуваат приватноста, достоинството, угледот и чесноста на секоја личност и темелните права на другите, а особено на децата и на младите.
Член 5
Програмите на МРТ се темелат на слободата на изразување (аудио и аудиовизуелна комуникација) и на слободен проток на информациите. Слободата на изразувањето во програмите на МРТ е практично остварување на слободата на јавниот говор како едно од темелните човекови права.
Слободата на вршење програмска дејност е дозволено да се ограничи само со Уставот на РМ, т.е. со законските прописи, кога и колку е тоа нужно поради интересот на националната безбедност, територијалниот суверенитет или јавниот ред и мир, спречување нереди и казнени дела, заштита на здравјето, моралот и правата на другите, одредбите од Членот 3 од Кодексот и во другите случаи утврдени со закони и акти донесени врз основа на важечките закони.
Член 6
Во спроведувањето на програмската и уредувачката политика на МРТ не е дозволена цензура.
Работни обврски и однесување
Член 7
Раководните тела на МРТ се обврзани да осигураат законитост во работата и работењето и да обезбедат услови за примена на највисоки стандарди. Исто така, обврзани се да обезбедат едукација на работниците на МРТ, воглавно на новинарите и тоа: за етичка компетенција и за антикорупциската политика и судирот на интереси, како превенција и придонес во дејствувањето за заштита на јавниот интерес и во исполнувањето на задачите на јавниот радиодифузен сервис низ информативни и образовни содржини.
Забранета е секаква дискриминација и непотизам при вработување и при ангажирање надворешен соработник согласно Законот за работни односи и задолжително е почитувањето на начелата за еднакви можности во согласност со стручниот професионализам, однесување и исполнување на други пропишани услови и законски прописи.
Член 8
Однесувањето на работникот во работната средина мора да се темели на заемно почитување, доверба, коректност, соработка, пристојност и трпеливост.
Не е дозволено однесување со кое еден или повеќе работници би понижувале и би малтретирале друг работник за да се загрозат честа, достоинството и угледот на тој работник, со намера малтретираниот работник да се отстрани од струката, од работното место или слично.
Во комуникацијата со колегите, други соработници и присутни не е дозволено да се користат вулгарни зборови и изрази спротивни на општоприфатените општествени норми.
Во секојдневната работа, работниците на МРТ се обврзани своите работни обврски да ги извршуваат совесно, професионално и лојално, самостојно и согласно со наредбите на претпоставените уредници и раководители, почитувајќи ги Уставот, законите, овој Кодекс, општите акти на МРТ, уредувачката политика на МРТ и правилата на струката.
Уредниците и раководителите се должни да постигнат и да одржуваат коректни и професионални односи и комуникација со работниците во МРТ и со надворешните соработници, при штo мора да го почитуваат нивното достоинство и не смеат да ја злоупотребат својата положба.
Член 9
Работниците на МРТ се обврзани да се придржуваат до највисоките професионални и етички начела во вршењето на своите професионални задачи.
Работниците не смеат со своето дејствување негативно да влијаат на јавноста и на работното опкружување, туку се должни во сите фази на своето дејствување да водат сметка за угледот и интегритетот на МРТ.
Работниците на МРТ не смеат да извршуваат приватни работи во текот на работното време.
Работник на МРТ не смее да биде член на некоја тајна, односно нелегална организација чие дејствување е официјално забрането, или забрането со закон на РМ.
Кршењето на оваа одредба се смета за особено тешка повреда на Кодексот.
Член 10
Работниците се обврзани сите свои барања, приговори или ставови најнапред да ги расчистат и решат внатре во МРТ, во рамките на својата организациска единица и со телата на МРТ. Откако работникот ќе ги исцрпи можностите во МРТ безуспешно, дури тогаш може да се обрати до меродавните тела, институции и здруженија од полето на професијата.
МРТ е обврзана во рамките на своите можности, на работниците на МРТ, главно на новинарите, да им даде совет, можна помош и потпора во остварување на правата врзани за извршување на професионалните задачи.
Одговорните уредници на програмските сервиси, директорот на телевизија и директорот на радио, секој во својата област на дејствување, пред да ја известат јавноста, должни се да ги известат новинарите за сите важни работни, програмски, организациски и други промени во МРТ коишто би можеле да влијаат на нивната работа.
Член 11
При каков било јавен настап, секој вработен во МРТ е обврзан да ги почитува и чува деловните и програмски интереси на МРТ, нејзиниот углед и професионалната вредност, како и својата професионална лична вредност.
Работник на МРТ во своите јавни настапи и дејствувања не смее да ги крши одредбите на овој Кодекс или на други акти на МРТ или пак да им нанесе штета на интересите и на угледот на МРТ.
За намерата и општата содржина на својот јавен настап, односно деjствување, работникот е должен најмалку еден ден однапред да го извести одговорниот уредник на програмскиот сервис и да се придржува на одредбите од претходниот став.
Работник на МРТ не смее да дава изјава (интервју и слично) и податоци за дејноста и работењето на МРТ или да овозможи увид во документацијата на МРТ, освен според овластувањата и законските прописи. Доколку работникот го изнесува својот личен став, мора да се нагласи дека се работи за личен став.
Работник кој нема овластување од претходниот став (да ја претставува МРТ или да зборува за нејзината дејност и работа), обврзан е да побара дозвола од Одговорниот уредник на програмскиот сервис.
Доколку одговорниот уредник на програмскиот сервис во рок од три дена од применото барање не се огласи, се смета дека дал одобрение.
Работник на МРТ не смее да изнесува податоци во јавноста коишто се утврдени како деловна тајна или други доверливи податоци во согласност со законските прописи или општите акти на МРТ.
Податоците на МРТ не смеат да се користат за лична корист ниту на начин што би бил спротивен на законските прописи и акти на МРТ или на штета на МРТ. Работникот во никој случај не смее да изнесува податоци за МРТ или за вработените во МРТ на навредлив начин.
Кршење на одредбите од овој Член значи особено тешка повреда на Кодексот.
Корупција и судир на интереси
Член 12
Сите работници на МРТ во своето дејствување се обврзани да водат сметка за темелите на владеењето на правото, етиката и промовирање на вредностите специфични за дејноста на јавниот радиодифузен сервис и се должни да придонесуваат за веродостојноста (јавна доверба) и угледот на МРТ.
Новинарите, членовите на програмските и деловните колегиуми на МРТ мора да водат сметка за етиката и да бидат надвор од активности коишто би можеле да ја компромитираат нивната веродостојност.
Основан сомнеж за злоупотреба на овластувањата и положбата за остварување лични и приватни цели и недозволена размена меѓу вработените на МРТ и други личности поради лични добивки (корупција), како и сомнеж за судир на интереси, работниците можат да ги пријават на непосредниот раководител, односно на непосредниот уредник и на Етичката комисија.
Пријава за сомнеж за корупција до надлежните државни тела направена со добра намера не може да има работно правна последица, односно не може да биде причина за отказ или прекин на договорот за работа, но може да има работно правна последица ако неовластено се упатува до медиумите наместо до надлежните органи на МРТ, Државното обвинителство или полицијата.
Со другите акти (упатства, правила, правилници, одлуки) можат посебно да се уредат одредени постапки и правила на однесување во одделни подрачја со цел едукација, решавање, односно постапки и повелби на Кодексот и слично, како и во известувања од јавен интерес.
Член 13
Случајот кога приватниот интерес на работникот на МРТ е во спротивност со интересот на МРТ, односно со интересот на јавниот интерес, или кога приватниот интерес на работникот влијае или може да влијае на непристрасноста во вршењето на работите или како лична промоција, како промоција на личности поврзани со работникот, во рамките на овој Кодекс се дефинира како судир на интереси којшто и нанесува штета на МРТ, пред се, на веродостојноста и угледот на МРТ.
Секој работник на МРТ мора во своето дејствување да води сметка за судир на интереси или за секоја ситуација што во работата на работникот би можела да биде судир на интереси, односно може да биде потенцијален судир на интереси, обврзан е да ја избегне или да ја пријави кај својот непосреден раководител, а новинарот кај одговорниот уредник на програмскиот сервис за разрешување на состојбата и спречување судир на интереси. Ако работник на МРТ, главно новинар, од објективни причини сепак требало да ги објави тие работи, тоа мора да го објави јавно.
Воглавном, новинарите мораат да водат сметка да бидат независни во својата работа од политички, владејачки, бизнис и други интереси коишто би можеле да влијаат на нивната објективност и мора да избегнуваат ситуации коишто би можеле да остават впечаток на пристрасност.
Поврзаните личности од ставот 1 од овој Член, во смисла на одредбите од овој правилник, брачни и вонбрачни другари, деца, посвоени деца, браќа и сестри, родители и други лица поврзани со работникот според други околности би можеле да се сметаат дека се поврзани од интерес со работникот на МРТ.
Член 14
Работниците на МРТ мора главно во своето дејствување да водат сметка за забрана на:
- примање или барање пари или некоја друга корист, или ветување за добивка поради извршување задача или објавување информација;
- местење работи и избор на понудувачи;
- користење повластени информации или деловни тајни на недозволив начин за лична корист и напредување, или напредување на одредени личности;
- ветување вработување, услуга или некое друго право во замена за подарок или ветување подарок;
- да се дозволи или користи прикриено рекламирање во програмата поради лична корист и интерес или корист на поврзани личности;
- да ги злоупотреби правата и овластувањата што произлегуваат од работното место;
- соработка со ПР агенции на непримерен и недозволив начин (промоција, плаќање, вршење работи за ПР агенции и слично);
- на кој било друг недозволив начин да се користи своето работно место, односно својата позиција поради стекнување бенефиции, лична корист, напредување или напредување на поврзани личности.
Сите повреди на Кодексот со квалификации од претходниот став прават особено тешка повреда на Кодексот и работните обврски поради кои може да се изрече најтешка казнива мерка.
Член 15
Поради можен судир на интереси, неспоиво е работен однос во МРТ, од една страна, и поседување акции и работен удел во други електронски медиуми (ТВ, Радио, Интернет), од друга страна. Тоа правило важи при вработувањето, како и во текот на работењето.
Одговорните уредници на програмските сервиси и уредниците во МРТ, како и новинарите не смеаат да бидат членови на управни и надѕорни одбори на трговски друштва. Исклучок се прави кај трговски друштва чијшто основач е МРТ, односно кои се во сопственост на МРТ или во кои МРТ има мнозински удел, или пак ако се работи за непрофитабилни организации (хуманитарни здруженија, образовни или научни институции и сл) под услов да не примаат надоместок за работа.
Работник на МРТ, негов сопружник, деца, родители, внуци, браќа и сестри не смеат да учествуваат во квизови и во други слични наградни емисии, во наградни игри коишто ги произведува, емитува и организира МРТ.
Член 16
Работник во МРТ не смее на своја или на туѓа сметка да склучува работи од дејности што ги извршува МРТ (законска забрана за конкуренција со работодавачот), освен ако МРТ не му издаде писмено одобрување, под услов да не создава нелојална конкуренција на МРТ, да не трпи неговата работа во МРТ и да не врши злоупотреба на своето работно место за вршење друга работа.
Во согласност со претходниот став, поради можен судир на интереси и конкуренција со работодавачот, неспоиво е работен однос во МРТ на работник кој поседува удел или управувачки права во други електронски медиуми (ТВ, Радио, Интернет), односно во правни субјекти коишто вршат иста дејност. Ова правило важи при вработување и во текот на работењето.
Во согласност со Законот за јавни набавки, МРТ (врз која се применува Законот за јавни набавки) не смее да склучува договори за јавни набавки со лице на раководна функција или со член на тело на МРТ (член на Управен одбор или Советот на МРТ), да врши истовремено управувачки работи (извршен директор, член или претседател на Управен одбор) и да има удел, акции или други права врз чиј темел споделува и управува, односно учествува во капиталот на тој сопственички субјект со повеќе од 20%.
Лицата од претходниот став се обврзани да дадат изјава за сопственички субјекти во кои имаат управувачки права и удел, како што е назначено во претходниот став. МРТ е обврзана на својата веб-страница јавно да објави попис на сопственичките субјекти со кои МРТ не смее да склучува договори за јавна набавка.
Одредбите од Ставот 3 и 4 од овој Член се однесуваат и на други договори за јавни набавки на кои не се применува Законот за јавни набавки, освен ако не е поинаку утврдено со Статутот на МРТ.
Член 17
Работниците на МРТ не смеат никому да подаруваат, продаваат и изнајмуваат аудиовизуелни записи што ги снимиле екипите на МРТ, што ги откупила МРТ, за коишто стекнала право за емитување (лиценци), како и за други материјали што се во сопственост на МРТ.
Работниците на МРТ не смеат да примаат подароци или други привилегии за време на работењето во МРТ (во натамошниот текст подароци) коишто, со оглед на давателот или со вредноста на применото, би можеле да ги доведат во прашање објективноста, самостојноста, независноста, професионалната вредност, угледот или интегритетот на работникот или на МРТ.
Работникот на МРТ, за подарок чијашто пазарна вредност е поголема од една осмина од просечната нето плата од претходната година во РМ, е обврзан да го пријави на непосредниот раководител/уредник.
За подароци со вредност поголеми од една четвртина од просечната нето плата во претходната година, работникот е обврзан да ги врати или да ги предаде во сопственост на МРТ.
За предавањето на подарокот мора да се издаде потврда што ја потпишува овластено лице и за тоа мора да се води евиденција.
Евиденцијата од претходниот став ја води задолжениот работник. Евиденцијата мора да ги содржи личните податоци на работникот (име, презиме, адреса, работно место), датум на предавање на подарокот, опис на подарокот и податоци на лицето што го дава (име, презиме, адреса или ако е подарокот предаден во име на правно лице, тогаш податоците се наведуваат за правното лице).
За подароците кои се сметаат за трајна сопственост на МРТ се применуваат прописи коишто се однесуваат на управување и располагање со имотот, односно со средствата на МРТ.
Прифаќање покани на разни манифестации и слично во рамките на деловната гостољубивост, што се смета за дело на добри деловни обичаи, не смее да достигне размери поради што би можело да дојде до сомнеж во непристрасноста кон деловните партнери. Во случај на такви покани, со вклучени платени патни трошоци и сместување, потребна е дозвола од извршниот директор на МРТ.
Во секој случај, прифаќањето на поканата од претходниот став не смее да има последица за овозможување какви било привилегии на другата страна или создавање какви било програмски или работни обврски на работникот, односно на МРТ.
Во случај на двоумење околу прифаќањето или неприфаќањето на подарокот или поканата во смисла на одредбата од овој Член, работникот треба да побара совет од својот раководител или уредник.
Член 18
Кршењето на одредбите за судирот на интереси, за забрана на конкуренција на работодавачот, како и примање подароци, претставува особено тешка повреда на Кодексот.
Професионални стандарди и етички начела
Член 19
Професионалните стандарди и етичките начела мора да се почитуваат во сите полиња на работењето, особено во сите програми на МРТ, односно во сите делови на програмата, во сите аудио и аудиовизуелни производи што ги емитува МРТ, самостојно или во соработка со други.
Професионалните стандарди и етичките начела ги обврзуваат сите личности, особено оние кои произведуваат програма во МРТ и учествуваат во многубројни фази на подготовка и емитување, како и оние коишто пишуваат текст, произведуваат тон и слика, планираат, осмислуваат и водат емисии или програми, непосредно учествуваат во емитувањето, организацијата или раководењето со емитување на програмата и др. За почитување на професионалните стандарди и етичките начела, во најголема мера се одговорни новинарите, авторите, уредниците, режисерите, снимателите на тон и слика, камерманите, продуцентите, водителите и сите други коишто можат да ги повредат начелата и стандардите.
Сите работници на МРТ кои се појавуваат пред камера и во директен пренос на програмата, мора да бидат примерно облечени и да ја извршуваат професионалната должност во согласност со општите акти на МРТ, не смеат да носат, односно да истакнуваат какви било обележја, знаци, односно симболи или на друг начин да ја искажуваат својата политичка, верска или друга припадност.
Објавување информации на програмите на МРТ
Член 20
Информациите мора да бидат точни, вистинити, објективни, целосни и веродостојни.
Информациите мора да се темелат на вистинитост на податоците и фактите и нивно објективно претставување и вреднување во прилогот и во емисиите.
Безусловно е забрането секое планирање, подготвување или објавување дезинформации, односно делумно или наполно ширење лажни, измислени информации.
Информациите мора да бидат проверени.
Информациите мора да се состојат од факти чијашто точност е проверена, а недвосмисленоста е потврдена пред емитување. Чувствителната информација добиена од неофицијални и недоволно доверливи извори мора дополнително да се провери од најмалку два меѓусебно независни, доверливи извора.
Мора да се наведе изворот на информацијата.
Се прави исклучок доколку станува збор за извор кој е објективно доверлив, а кој инсистира на анонимност. Тогаш може да се употреби и некој од вообичаените изрази што приближно го одредуваат изворот на информации.
Не се дозволени информации и одредени изрази, како “се зборува”, “сме слушнале дека”, “зборуваат”, “некои тврдат” и слично.
За сите информации што се пренесуваат од другите медиуми мора да биде назначен изворот – медиумот од којшто се преземаат информациите .
Потребна е дополнителна внимателност во користењето на информациите чиј извор се портпаролите на владејачките субјекти, политичките партии или агенции за односи со јавноста и други.
Во случај кога врз основа на објективна проценка може оправдано да се посомневаат во точноста на информациите што ги даваат портпаролите и агенциите, таква информација мора дополнително да се провери од независен извор.
Информациите од Интернет-мрежата мора дополнително да се проверат кај доверлив извор, но доколку нивната употреба е неопходна, мора јасно и недвосмислено да се назначи дека станува збор за податоци од Интернет.
Информациите мора да бидат избалансирани.
Не е дозволена едностраност во прилозите или емисиите. Мора да се почитува правилото “другата страна”. Мора рамноправно да се прикажат спротивставените ставови и мислења, т.е. нивните носители.
Кога тоа не може објективно да се постигне во дневно информативните прилози, мора јавно да се назначи “другата страна” и мора да се даде можност тоа да се направи во најкраток можен рок.
Кога личноста која е уредно и навремено повикана во дневно информативната емисија или за снимање прилог, неоправдано одбива гостување во програмата, а емисијата или прилогот со одредена тема може да се одржи, односно да се емитува, тоа одбивање мора да се објави заедно со она што е наведено како причина за отсуство.
Информациите мора да бидат разбирливи.
Веднаш пред емитување, без дополнителни објаснувања, содржината на информацијата мора да биде јасна и разбирлива за најширокиот круг гледачи и слушатели. Новинарите се обврзани информацијата да ја пренесуваат со јасен јазик и стил кој не смее да премине во баналност.
Не е дозволен сензационалистички пристап во известувањето и сензационалност во прикажувањето на информацијата.
Посебни одредби за работата и однесувањето на новинарите
Член 21
Одредбите за новинарите во овој Кодекс ќе се применуваат за сите новинари, во сите програми, без оглед на работното место.
Член 22
Новинарот во својата работа мора да ги почитува цивилизациските и демократските вредности, односно не смее со содржината на своите прилози и емисии да ги крши законите.
Новинарот е обврзан во својата работа да ги почитува плурализмот на идеи, достоинството и слободата на поединецот и заедницата, националните и општочовечките вредности, култури и традиција. Обврзан е да ги почитува сите малцинства и сите други посебни општествени здруженија, да биде трпелив кон разликите, да ги чува приватноста и личниот живот во согласност со правата за заштита на приватноста, достоинството, угледот и честа.
Новинарот во својата работа мора да го почитува привременото ембарго на информацијата, ако е оправдано, односно ако се темели врз законски прописи.
Член 23
Новинарот мора да биде непристрасен.
Новинарот или другиот работник во синџирот на реализација не смее со зборови, видео, тон, гестови, знаци и обележја да ја искажува својата наклонетост или припадност на одредена политичка, владејачка, интересна или некоја друга општествена организација. Тој мора да избегне емоции кои би можеле да наведат на заклучок за пристрасност.
Новинарот не смее да наметнува ставови или да дава предност на една од спротивставените страни, т.е. не смее да прави ништо што би можело да произведе впечаток на едностраност. Новинарот врз основа на прикажаните важни факти, ставови и мислења мора да им овозможи на гледачите и на слушателите да формираат сопствени ставови и мислења.
Новинарот не смее да ги менува, искривоколчува или толкува фактите врз основа на свои или туѓи ставови и мислења и мора јасно да ги одделува објективните факти од субјективните ставови, мислења или коментари. Не е дозволено мешање на коментарот со формата на вести и извештај.
За теми од посебен интерес за јавноста е дозволен осврт или коментар, во кој новинарот може професионално да ги толкува фактите, ставовите и мислењата, но под услов претходно, целосно, точно и објективно да бидат прикажани сите релевантни факти за некоја тема. Сите осврти и коментари треба да бидат јасно претставени и посебно најавени како авторски став. На МРТ и се забранети анонимни осврти и коментари.
Новинарот е обврзан однапред да го извести својот непосреден уредник ако во програмата во која се објавува содржина и во која е вклучена некоја личност со која новинарот е во сродство или се заедно во некое тело, институција и друг правен субјект во кој е вработен некој од неговите роднини или блиски личности. Во такви случаи се проценува учеството на новинарите (по основа на објективност, непристрасност и јавност).
Член 24
Новинарот мора да биде коректен.
Вести, извештај, прилог или емисија не се коректни ако:
- не содржат целосни информации;
- не ги вклучуваат сите достапни и објективно важни факти;
- вклучувајќи неважни факти, кои во недостиг од суштински факти ја менуваат смислата, пораката и впечатокот;
- на разни начини ги доведуваат гледачите во заблуда;
- содржината на зборовите, видеоснимката, тонот, гестовите, знаците или обележјата оддаваат пристрасност.
Новинарот во својата новинарска работа и при настапите во јавноста мора да ја чува културата на јавниот збор, нивото на комуникација и мора да води сметка за достоинството и интегритетот на личноста која оправдано ја споменува во својата новинарска работа.
Новинарот мора да има согласност од личноста чиишто изјави ги објавува, освен кога изјавата е дадена во состав на нејзиното јавно дејствување.
На почетокот на снимањето на изјавата, новинарот мора да се претстави и да ја извести личноста за која емисија, прилог или тема снима изјава.
Новинарот не смее да ја крати изјавата така што на некој начин ќе ја промени нејзината содржина, односно суштината, смислата и рамнотежата. Не смее да фалсификува или менува контекст на изјавата на нови или архивски снимки, на тонот, текстот, звукот, видеоснимката и документот.
Новинарот и непосредниот уредник мора внимателно да проверат и да бидат сосема сигурни за некоја лична трагедија во која има мртви, повредени или исчезнати лица, дали е известено најблиското семејство, пред објавување на информациите коишто би можеле да го откријат идентитетот на настраданите и исчезнатите личности.
Без согласност на личноста, податоци за приватниот живот можат да се објават со посебна доза на внимание, само под услови податоците да бидат во непосредна врска со јавната работа и нивното објавување да биде неопходно поради посебно оправдани јавни интереси.
Член 25
Новинарот мора да биде веродостоен.
Новинарот мора да биде професионален и етички веродостоен, односно независен во обавувањето на својата работа. Не смее на никаков начин јавно да изразува поддршка на активности или постапки на политички партии, здруженија и организации, здруженија по струката или други интересни и лоби групи или да се солидаризира со нив.
Кршењето на овие одредби од овој став значат тешка повреда на Кодексот.
Новинарите на информативните програми на МРТ мора да одбегнуваат јавни настапи од секаков вид коишто се објективно непримерни во однос на работата што ја извршуваат, ја менуваат нивната слика во јавноста или го намалуваат нивниот професионален и јавен кредибилитет.
Член 26
Новинарот и снимателот (снимател-камерман) мора одговорно да ги користат аудио и видеоматеријалот во програмата. Во дневно информативните прилози и емисии треба да се избегнува објавување инсерти што може да создадат впечаток на позитивна или негативна пристрасност, особено кај снимањето јавни личности.
Новинарот не смее да објавува видео од приватен простор што е снимен без знаење на сопственикот на просторот.
Дозволено е снимање видео на јавно место, односно на место на коешто не е ограничен пристапот, под услов личноста да не се спротивставува.
Во случај на противење, забрана на тие видеа, односно снимки, истите не смеат да се објават.
Новинарот кој мора да користи тонски или видеозаписи на почината полнолетна личност тоа треба да го направи особено внимателно, притоа внимавајќи со видеоматеријалот и тонот да не го повреди семејството на починатото лице или семејството на евентуалните жртви на починатата личност. На ниту еден начин не смее да се користи аудио или видеозапис за почината малолетна личност.
Новинарот не смее да употребува аудио и видео за други цели, односно цели различни од оние за коишто се снимени аудио и видеоматеријалот и не смее да употребува технички средства за да ги менува. Исклучок од ова правило се хумористичните, сатиричните и други забавни прилози и емисии внимавајќи притоа да не се повреди законот.
Новинарот не смее да употребува тонски и видеоматеријал од седници на Македонскиот парламент и неговите работни тела во забавни, драмски и хумористички емисии, освен ако за тоа не постои заедничка согласност на одговорниот уредник на програмскиот сервис и на уредникот на Информативната програма, и ако со тоа не се повредат законските прописи, професионалните и етичките начела.
Член 27
Новинарот е обврзан во својата работа да се служи со македонскиот јазик и кириличното писмо во согласност со општоприфатените јазични стандарди. Во емисиите на националностите во Република Македонија се користи соодветниот јазик и писмо и општоприфатените јазични стандарди.
Новинарите мора да избегнуваат стилски и содржински претерувања, како и нејасно искажани реченици.
Во програмите на МРТ по правило не се дозволени вулгарни зборови и изрази, односно зборови и изрази што не се во согласност со постоечките општоприфатени норми.
Дијалектите можат да се употребуваат во емисии надвор од Информативната програма на МРТ во случаи кога тоа одговара на содржината, пораката, атмосферата на емисијата, односно кога се промовираат дијалектите на македонскиот јазик или дијалектите на јазиците на другите етнички заедници во РМ кои не го говорат македонскиот јазик.
Новинарите во својата работа се обврзани да користат упатства и помош од стручни лица – лектори и фонетичари, во што спаѓа употребата на титули (при ословување, пишување). За тоа посебно мора да водат сметка уредниците на редакциите, односно уредниците на програмите.
Само во посебни околности можат да се употребат некои нестандардни зборови или изрази од секојдневниот говор на некои општествени групи кои во вообичаените околности би биле забележани. Таквите зборови или изрази мора да се користат особено внимателно, под услов да ја обогатат содржината, пораката или атмосферата на емисијата, или пак кога нивното избегнување би и наштетило на уверливоста или целовитоста на прилогот или емисијата.
Права, обврски, одговорности и односи меѓу новинарите и уредниците
Член 28
Одговорните уредници на програмските сервиси одговараат на Советот на МРТ за објавување (емитување) информации во програмата во согласност со законските прописи.
Во внатрешниот апарат на МРТ, за содржината на емитуваниот прилог или емисија се одговорни повеќе личности, секој во својот дел и овластувања во согласност со одредбите на овој Кодекс и другите општи акти, односно професионалните стандарди и етичките начела. Радискиот или телевизискиот прилог или емисија е заеднички производ што го создаваат и на чиј квалитет влијаат новинарите, авторите и уредниците, од една страна, и снимателите на тон и видео, режисерите, камерманите, мајсторите на светло и останатите, од друга страна.
За конечна аудиовизуелна содржина, пред се, се одговорни новинарите, авторите и уредниците, а со нив или по нив можат да бидат одговорни и други соработници. Затоа се наведени соработници во производството на аудиовизуелната содржина кои се обврзани да работат по налог на новинарите, авторите и уредниците.
На нивните меѓусебни односи на соодветен начин се применуваат правилата од оваа глава на Кодексот, при што снимателите на аудио и видео, режисерите, камерманите и мајсторите на светло имаат права, обврски и одговорности како и новинарите во однос на уредниците.
Авторот е одговорен за забранета содржина во своето дело која е спротивна на законските прописи.
Новинарот или авторот исклучиво е одговорен ако намерно или без објективно оправдана причина избегне уредничко преслушување или преглед на емитуваната содржина, односно ако не постапи според јасен уреднички налог.
Новинарот, водителот, кој во студио води програма во живо е одговорен за емитуваната содржина ако намерно или со грубо невнимание ги прекрши одредбите на Кодексот, други професионални стандарди и етички начела или закон, односно ако намерно или без објективно оправдана причина прекрши претходно јасно даден налог или договор со уредникот.
Непосредно надредените уредници се одговорни ако без објективно оправдана причина претходно не го преслушале или прегледале, односно ако не го организирале преслушувањето или прегледувањето на емитуваната содржина, или ако со пропуст на своите должности на друг начин довеле до емитување забранета содржина или содржина која е спротивна на одредбите на законот и уредувачката политика на МРТ.
Член 29
Новинарите и сите други работници кои непосредно произведуваат програма и учествуваат во многу фази на нејзината подготовка и емитување се обврзани во текот на својата работа редовно, колегијално и коректно да соработуваат и да комуницираат, да избегнуваат навреди, да ја почитуваат културата на говорот и да го чуваат потребното ниво на меѓусебни односи. Проблемите во работата и односите должни се најпрвин да се обидат да ги решат со дискусија во непосреден контакт, а потоа и пред меродавните тела на МРТ.
Новинарите, авторите и водителите се должни да ги извршуваат наредбите на уредникот за подготовка или промена на прилозите и емисиите на кои им е цел почитување на уредувачката политика на МРТ и на овој Кодекс, други професионални етички стандарди, закони или зголемување на квалитетот на прилозите и емисиите.
Уредникот на емисијата, уредник на програмата и одговорниот уредник на програмскиот сервис имаат право да интервенираат во подготовката или во готовата содржина на прилогот и емисијата само ако сметаат дека постојат недостатоци од претходниот став, при што се должни во својата намера да ги известат новинарите, авторите и водителите. Одговорниот уредник на програмскиот сервис и Уредникот на програма има право да не дозволи емитување на прилог или емисија само кога неговите налози се одбиваат или не можат да се извршат навреме, односно кога од оправдани причини не можел навреме да стапи во контакт со новинарот, авторот и водителот.
Одговорниот уредник на програмскиот сервис и уредникот на програма нема право да нареди премолчување на точни и објективно битни факти или случувања за некоја вест или извештај, односно нема право да нареди да не се снима или да се премолчи објективно важен настан за јавноста, ако објавувањето на таквата вест или снимка не е во спротивност со уредувачката политика на МРТ, со Уставот, со законите и сој Кодексот.
За секој случај, уредникот има право да ги одреди формата, делокругот и распоредот на емитување на содржината ако со тоа не се кршат одредбите од уредувачката политика, од Законот и од Кодексот.
Член 30
Новинарот има право да одбие налог од уредникот за подготовка или промена на прилог или емисија само:
- кога смета дека со таквиот налог би ги прекршил уредувачката политика на МРТ, овој Кодекс, другите професионални и етички стандарди или законот.
- кога во содржината е вклучена личност со која е во сродство или во други блиски односи
- кога во содржината се вклучени тело, институција и друго правно лице во кое е вработен некој од неговото семејство или роднина.
Кога уредникот инсистира на налог за подготовка или промена на емисија или емисија во живо, новинарот е должен да побара техничка финализација на емисијата во дневната програма што не трпи одлагање и кај прилозите што не се финализирани.
Член 31
Уредник не смее да менува снимен прилог или снимена емисија без знаење на новинарот, односно авторот на таа емисија. Ако уредникот објективно не може навреме да стапи во контакт со новинарот, односно авторот на прилогот, тогаш треба да се откаже емитувањето или мора повторно да се монтира, така што ќе чита спикер, и да се емитува без гласот на новинарот, неговиот лик и потпис.
Уредникот не смее да му нареди на авторот или на новинарот под свое име да подготви или да чита текст кој во целост или делумно не го напишал.
Уредникот не смее да интервенира во содржината на емисијата во живо во текот на емитувањето, ниту пак смее да го прекинува нејзиното емитување, освен кога прекин на емитувањето е неопходно поради виша сила, вонредни или објективни причини (пример, прекин на програмата поради вонредни вести, итни здравствени проблеми или несвестица на водителот или на гостинот, постапки во студиото кои грубо ги нарушуваат јавниот ред или морал, Уставот и законите, ги загрозуваат здравјето и сигурноста, како и уредувачката политика на МРТ).
Член 32
Сите новинари, уредници на програма и одговорните уредници на програмските сервиси се одговорни за своите одлуки или проценки од оваа поглавје од Кодексот, односно за нивната евентуална невтемеленост .
Сите одредби од Кодексот со кои се регулираат меѓусебните односи на новинарите наспроти непосредниот уредник, се применуваат на соодветен начин и имаат вредност за меѓусебните односи на понизок и повисок уредник.
Односот со државата, власта, политиката и економијата
Член 33
МРТ во остварувањето на своите програмски задачи е автономна и независна од влијанието на власта, телата и институциите и од влијание на сите други правни и физички лица.
Ниту еден работник на МРТ не смее да прими и изврши налог или наредба од телата на државната власт и на други државни тела, односно поединци од таквите тела, а кои не се врз основ на закон или пропис или не се во согласност со постапката пропишана со закон.
Сите уредници и новинари на МРТ мора да имаат јасна професионална дистанца кон сите носители и инструменти на власта за да не го загрозат интегритетот на јавното радиодифузно претпријатие во кое работат.
Правилата од оваа глава од Кодексот и односот кон државата и политиката на соодветен начин се применуваат во економијата и финансиите, односно во економските и финансиските субјекти или во кои било други интересни групи, посебно во оние со кои МРТ работи или остварува приход (на пример нарачатели на реклами, спонзори).
Член 34
Новинарите (новинари, автори и уредници) мора да бидат независни од политичкото, економското, бизнис и друго влијание. Телата на МРТ, Извршениот директор, директорите на телевизијата и радиото, програмските колегиуми на радиото и телевизијата, одговорните уредници на програмските сервиси на радиото и телевизијата, уредниците на информативните програми на радиото и на телевизијата и стручните служби на МРТ се должни да ја штитат слободата и независноста на МРТ, нејзината програма и новинарите коишто работат во согласност со Кодексот и законите од какви било притисоци и неосновани напади, односно во такви случаи да овозможат секаква можна помош и заштита за професионално реализирање на работата.
Член 35
Новинарите не смеат да вршат функции во политички партии или пак да бидат членови во нивните тела. Новинарите во својата работа не смеат да ја истакнуваат својата политичка и друга припадност која би ја ограничувале нивната објективност и самостојност.
Новинарите треба да избегнуваат своите политички права да ги остваруваат со дејствување во политичките партии. Оние кои се веќе членови на политички партии, должни се за тоа да го известат својот непосреден уредник во Радиото или во Телевизијата, за сите состојби во кои таквото членство објективно би можело да предизвика судир на интереси, сомнежи во непристрасното, објективното и веродостојното вршење на нивните должности.
Член 36
Извештаите од седниците на МРТ, на Владата и на другите државни тела или од конференции за печат на политичките партии, мора да дадат непристрасен и целосен приказ на седниците и ставовите. Мора да се избегнуваат какви било етикети и стилски обоени зборови или изрази што би можеле да дадат впечаток на пристрасност, коментирање или изнесување свои ставови.
Во изборот на снимени говори мора да се избегнуваат медиумски атрактивни, тематски недоволно битни тонски исечоци коишто би можеле да го загрозат објективното пренесување на таа седница. Доколку спојувањето на различните делови од говорот од иста личност би можело да доведе до манипулација или дезинформација, мора јасно да се назначи или да се покаже со видео дека овие исечоци не се изречени во континуитет.
Во парламентарните известувања мора рамномерно да се изнесуваат ставовите и на власта и на опозицијата.
Во информативните програми, особено во дневно информативните емисии и во неделните политички емисии мора еднакво да се следат и власта и опозицијата.
Член 37
Доколку личноста која врши јавна должност или служба (државни и партиски работници, членови на Парламентот, на Владата, службеници на тела на јавната власт – во натамошниот текст јавна личност), кои се повикани за настап во емисија ја одбијат поканата бидејќи не можат објективно да одговорат на поканата, уредникот нема да се откаже од емитување, освен ако не процени дека изостувањето од емисијата или од прилогот на повиканата странка ќе направи емисијата да биде неинтересна и неоправдана.
На јавната личност за настап во емисија, изјава или интервју, без оглед на нејзиното барање, однапред смее да и се дадат само предлог-темите и приближното траење на емисијата, изјавата или интервјуто.
Кога за истиот прилог, емисија, се земаат изјави или интервјуа на две или повеќе личности, на ниту еден од нив однапред не смее да му се даде содржината на она за што зборувале останатите.
На јавната личност која гостувала во снимање на емисија, а однапред е известена за нејзината содржина не може да и се прифати вето на објавување на емисијата или на дел од емисијата, освен во оние делови во кои учествувал со видео и тон.
Новинар или уредник не смее да ги прифати условите што ги поставува јавната личност во врска со давање изјава или интервју или гостување во емисија, односно програма, а кои би биле спротивни на уредувачката политика на МРТ, на одредбите на овој Кодекс или на другите професионални стандарди или закони. Тоа важи и за поставување услови за избор на емисии во кои ќе се емитува изјавата или интервјуто или изборот на местото на снимање, освен ако тоа не е мотивирано исклучиво од практични или содржинско неутрални причини.
Член 38
Прилозите и емисиите во МРТ кои на кој било начин се занимаваат со војската или со безбедносно-известувачките служби мора да се темелат на демократските начела според кои војската и безбедносно-известувачките служби се предмет на цивилната власт, цивилната контрола или критичкиот суд на јавноста.
Прилозите и емисиите на МРТ кои на кој било начин се занимаваат со полицијата, мора да бидат непристрасно подготвени со доза на професионална внимателност, за да ја прикажат полицијата на истиот начин како што го прикажуваат секое друго државно тело или институција.
Во случаите кога полицијата ќе дозволи следење на одредена оперативна акција, во прилози или емисии, мора да се избегне создавање впечаток дека и самите новинари на МРТ биле активен дел од таа полициска операција.
Несреќи од вонредни случувања, криминал и судски постапки
Член 39
Известувањето од криминални дејствија, судски постапки, сообраќајни и други несреќи, односно вонредни случувања, мора да биде објективно. Не смее да се намали значењето, сериозноста и опасноста, односно можните последици, не смее да биде сензационалистичко, ниту пак смее да предизвика зголемување или ширење на непријатност, страв или паника кај гледачите и слушателите.
При селекција на случаите на криминални дејствија, судски постапки, сообраќајни и други несреќи за кои ќе се известува, главен критериум мора да бидат оправданиот интерес на јавноста, објективното значење за јавноста, објективното значење за случувањето и неговите последици, односно раширеноста и зачестеноста на случаите.
Член 40
Кај известувањата за криминалните дејствија, сообраќајните и другите несреќи, односно вонредните случувања, содржината на извештајот мора да се темели на јасни и прецизни податоци и факти, како што се на пример: времето, местото, бројот на жртвите, возилото, бројот на летот и слични фактографски информации. Таквото известување мора да покаже обѕирност и чувствителност, но не смее да се претвори во неумесна сентименталност.
Податоците за идентитетот на мртвите, ранетите и загинатите не смее да се објават пред да биде проверено и потврдено дека за тоа е известено најблиското семејство на таа личност.
Кај известувањата за криминалните дејствија, сообраќајните и други несреќи или вонредните случувања не смее да се снимаат и прикажуваат крупни кадри на лицата на покојникот, крупни кадри на масакрирани тела или други слични кадри коишто би можеле да предизвикаат непотребно емоционално вознемирување на гледачите. Пред да биде известено најблиското семејство, не смее да се емитуваат ниту крупни кадри коишто би можеле да откријат особености за идентитетот на жртвата, неговите документи, невообичаени лични предмети, регистарски таблички на возилото и слично. Во сите програми на МРТ е забрането емитување крупни кадри на погубување, убиство или смрт на луѓе.
Секој прилог или емисија со кадри кои на кој било начин би можеле да шокираат или емоционално да го вознемират аудиториумот, мора посебно да се најават со предупредување дека содржината што следува не е соодветна за деца и за други чувствителни личности.
Член 41
Личностите коишто се повредени во случувањата или тагуваат поради смртта или ранување на блиски личности не смеат да бидат изложени на каков било притисок за давање изјава или интервју. Ако и по обѕирно прашање таквата личност се согласи да даде изјава или интервју, тогаш тоа мора да им биде соопштено на гледачите или на слушателите.
Во програмите на МРТ смеат да се снимаат и да се емитуваат погреби само ако за тоа се согласи најблиското семејство на покојниот. Само погреби на активни, високодржавни и јавни функционери смеат да се снимаат и да се емитуваат без барање или дозвола од семејството. При снимање и емитување на погребот мора да се избегнува наметливо и непримерно постапување, односно крупни кадри на личноста што тагува.
Член 42
Не смеат да се користат видео или тонски архивски материјали од препознатливи случаи на криминални дејствија, сообраќајни и други несреќи, односно вонредни случувања во кои би се илустрирал и друг сличен настан.
Архивски видео или тонски материјали кои содржат шокантна содржина за криминално дејствие, сообраќајни и други несреќи, т.е. вонредни случувања, мора да се користат особено внимателно за да се избегне повторно вознемирување и трауматизирање на личностите кои ги преживеале тие случувања или членовите на блиското семејство на жртвата.
Член 43
Во секое известување за криминално дејствие и судски постапки, новинарите и уредниците мора да ја почитуваат уставната и законската претпоставка дека личноста е невина додека не се донесе правосилна судска пресуда со која е прогласена за виновна. Со тоа во извештаите не смее да се употребуваат изрази како “виновен е”, “го направил тоа” и слични, дури и ако е некој фатен (на дело), односно го признал стореното дело пред полицијата. Мора да се употребуваат термини како “осомничен”,”основано осомничен”, “се товари”, “со неправосилна судска одлука е прогласен ”, и слични изрази кои не означуваат нечија вина.
Ако е личноста прогласена за виновна врз основа на неправосилна првостепена пресуда, тогаш при употреба на зборот “виновен” мора јасно да се наведе дека станува збор за неправосилна, односно првостепена пресуда на која може да се вложи жалба кон повисоката судска инстанца.
Член 44
Со полициска и криминалистичка обработка на некое случување се собираат информации за направеното дело, но тие не смеат да се нарекуваат “докази”. Податоците за криминалистичката обработка што се добиени од полицијата можат да се објават, но не смеат да се наведуваат имиња и други податоци за идентитетот на личноста опфатена со обработката (не смее да се открие идентитетот на личноста).
Податоците од претходниот став смеат да се објават само под услов ако се веќе познати во јавноста, дека постои особено оправдан интерес на јавноста и дека сите податоци добиени од телата на јавната власт и нивното неизнесување би предизвикале штета и несериозност на извештајот. Тогаш треба што поскоро да се настојува да се објави и отчетот на личноста која е опфатена со полициската обработка или отчетот на нејзиниот адвокат.
Кога во дозволени случаи ќе се објават лица во криминалистичка обработка, уредниците се должни да водат сметка за тој настан да се известува до вонсудскиот или судскиот завршеток.
Изразите (како осомничен, обвинет, осуден) мора да се употребуваат исправно, во согласност со пресумпција на невиност и прописите на казненото законодавство.
Во извештајот на новинарот за секоја информација јасно мора да се наведе кој е нејзиниот извор ( истражниот судија, јавен обвинител и осуденикот).
Член 45
Новинарите не смеат да коментираат неправосилна пресуда.
Сите податоци од јавните судења и податоци за пресуди по правило смеат да се објавуваат, освен ако станува збор за судење против малолетник, постапка од која е исклучена јавноста или ако податоците би биле штетни во понатамошната постапка.
За известување на судските постапки смеат да се даваат само податоци што се од јавен интерес, а не навлегуваат во приватноста на личноста вклучена во постапка пред суд. Обвинетиот на судењето не смее со слика или зборови да се прикажува на начин на кој објективно би го понижиле.
Мора да се почитува идентитетот на сведокот и на оштетениот (жртвата), казнените дела и без нивно сознание и согласност не смее да се открие нивниот идентитет.
Идентитетот на жртвите и на сведоците во сексуално казнени дела, односно идентитетот на малолетните жртви и сведоци не смее да се открие во никој случај, дури и во случај ако за тоа дале согласност или нивниот идентитет е откриен во друг медиум.
Идентитетот на малолетната жртва смее да се објави само доколку е почината, и тоа по службено известување на најблиското семејство, но и тогаш е забрането емитување во живо на видео и на фотографии.
Непосредни тонски изјави или интервјуа со осомничените на казнени дела кои издржуваат законска казна, односно со личности кои ја отслужиле доследната досудена казна по правило не смеат да се објавуваат.
Само ако постои оправдан интерес за јавноста, тие изјави мора да бидат снимени и објавени во согласност со уредникот на Информативната програма и со надлежните државни тела. Притоа на наведените личности не смее да им се дозволи детално да го опишуваат своето дело и да го величаат начинот на неговото извршување, вредносно позитивно да го прикажуваат, т.е. својата невиност непосредно да ја докажуваат со истакнување вина на други личности кои не се правосилно осудени.
Член 46
Кога постои голем и оправдан интерес на јавноста за некое казнено дело за кое нема автентичен тонски или видеоматеријал може да се прикаже тонска или видео реконструкција на случувањето кога тоа не е забрането и не штети во спроведувањето на постапката. Главната цел за реконструкција не смее да биде постигнување медиумска активност или драматичност, туку давање точни информации за текот на случувањата.
По правило не смеат да се реконструираат насилни дела, како злосторство, повреда или крвави рани, освен ако таквите елементи всушност се спорни или клучни за проценка на случувањата. Во реконструкцијата не смеат да се користат музика, артисти и дијалози за кои не постои цврсто сознание дека навистина се случило. На почетокот и на крајот на реконструкцијата на злосторството, на слушателите и на гледачите смее да им се даде до знаење дека следеле реконструкција на случката, а не автентичен материјал.
Член 47
Кога станува збор за немири и протести мора да се има предвид дека со многу такви јавни случувања сака да се привлече што поголема медиумска кампања. За да се избегне можна манипулација, известувањето мора да се темели на дополнителни правила:
- Одлуката за тоа на кој начин и во кое траење ќе се известува за таквите случувања, не смее да се темели на медиумска атрактивност на сликата и тонот, туку на објективна важност на случувањата, организаторите и учесниците.
- Извештајот мора да се темели на податоци за идентитетот на организаторот на таквите јавни случувања и цели кои сакаат да се постигнат, а ако постои различна проценка за бројот на соучесниците, потребно е сите да се наведат.
- Никој од членовите на теренските екипи кои го следат случувањето не смеат да се вклучат во коментирање на случувањето, ниту пак смеат да бараат нешто или да сугерираат.
- Во известувањето треба да се избегнуваат поединци или здруженија кои посебно се истакнуваат и кои очигледно настапуваат поради присутност на камера и микрофон.
- Кога постои најава или можност дека присуството на камерата или микрофонот може да предизвика насилство, потребно е голема доза внимание ако се создаде потенцијално опасна ситуација, опремата мора да се исклучи, по потреба и да се прекрие, а целата екипа мора да се оддалечи на сигурно место.
Член 48
Кај терористички акции или киднапирање мора да се има превид дека со погрешни или непромислени постапки може да се загрози животот на тие луѓе, односно дека со известувањето би можело да се попречи акцијата на меродавните државни тела.
За да се избегне таква опасност, известувањето мора да се темели на дополнителни правила:
Во секоја директна комуникација за планирани или моментални акции кои самоиницијативно ги воспоставува терорист или киднапер со кој било член од теренската екипа, мора веднаш да се извести уредникот на Информативната програма.
Телефонски или други директни контакти со терористи и киднапери, известувачот на терен смее да воспостави само врз основа на дозвола од овластени личности кои се дел од телата на јавната власт и од уредникот на Информативната програма.
Снимените изјави од терористи или киднапери пред емитување мора внимателно да се преслушаат и да се прегледаат, а по потреба и да се скратат од уредникот на Информативната програма за да се избегне медиумска манипулација.
Не смее да се емитува ниту една изјава или интервју на терорист или киднапер без дозвола на уредникот на Информативната програма и во консултација со овластена личност на надлежното државно тело, освен во случаи кога во моментот не може да се стапи во контакт со уредникот, а таквото емитување е неопходно за заштита на животот на луѓето според оценката на овластениот персонал на телата кои ја раководат антитерористичката акција.
Емитување информации или снимен тонски и видеоматеријал, без оглед на медиумската атрактивност или ексклузивитет, безусловно мора привремено да се одложи ако таквото емитување може и посредно да им користи на терористите и киднаперите во нивното спротивставување со меродавните државни тела или ако може да го загрози животот на луѓето.
Секој член на теренската екипа е обврзан веднаш и без одлагање да го извести надлежниот уредник на Информативната програма за барање личност од државното тело кое ја раководи антитерористичката акција за привремено одложување на емитување одредени видеа или податоци коишто би можеле да ги загрозат успешноста на акцијата или животот на луѓето.
Деца и општествени здруженија во програмите на МРТ
Член 49
На децата и малолетните лица до 18 години во програмите на МРТ им припаѓа посебна заштита. Децата и малолетниците мора да се почитуваат.
Децата до 15 години не смеат да се појавуваат во програмите, не смеат да учествуваат во производство на програмата ниту пак смее да се емитува нивна изјава или интервју без согласност на родителот или старателот (законски застапник) или без други согласности, односно одобрувања пропишани со закон.
Забрането е да им се плаќа на родители или старатели да дадат согласност од претходниот став. Само куси изјави на случајно одбрани малолетници снимени на улица можат да се вбројат во програмата, ако содржината и контекстот на изјавата се примерни на малолетникот (пр. пригодни изјави за почетокот на учебната година). За младите личности кои се снимаат со видео и тон во училиште или за време на наставата, доволна е согласност од директорот и класниот наставник во училиштето.
Во изјавите, интервјуата, прилозите и емисиите на децата и на малолетниците мора да им се дозволи да зборуваат во свое име и на свој начин, но мора да се избегнуваат злонамерни или сугестивни прашања, односно постапки кои дури и посредно да можат да ги загрозат здравјето, сигурноста, воспитувањето, интересите и правата на децата и на малолетниците.
Во програмите, ниту со дозвола на родителите или старателите, не смеат со видео да се идентификуваат деца и малолетници коишто се однесуваат незаконски или асоцијално. Во исклучителни случаи, кога постои посебно оправдан интерес на јавноста, од тоа правило смее да се отстапи само ако уредникот на Информативната програма донесе одлука врз основа на согласност и детални консултации со меродавните стручни лица и државните тела, родителска или старателска согласност, односно согласност на детето или малолетникот .
Во програмите ниту со дозвола на родителите или старателите не смее да се објави слика или тон кои можат да доведат до идентификација на лице помладо од 18 години кое е сведок, осомничен, обвинет или обвинет во судска постапка или на кој било начин е вклучен во постапка на други државни тела (старателство, посвојување и др. постапки).
Сите кои создаваат програма со деца или малолетници мора посебно да внимаваат на тоа какви последици остава на младите лица учествувањето во програмата. Оние коишто создаваат програма за млади лица мора да внимаваат на имитациско однесување и на други последици од емитување на содржините на тие млади личности. Со тоа во двата случаја во подготовката на програмата мора да се консултираат со стручни лица за деца и малолетници.
Ако во текот на вршењето на својата работа воочат состојби за кои се смета дека ги загрозуваат здравјето, сигурноста, воспитувањето, односно интересите и правата на децата или малолетниците, сите кои учествуваат во создавањето на програмата мора за тоа во пишана форма веднаш да го известат одговорниот уредник на програмскиот сервис, односно уредникот на програмата.
Член 50
Во прилозите и емисиите старите лица не смее на каков било начин да се дискриминираат или навредуваат и не смее да се генерализираат или прикажуваат според постојните општествени стереотипи.
Член 51
Во прилозите и емисиите жените не смее на каков било начин да се дискриминираат или навредуваат и не смее да се генерализираат или прикажуваат според постојните општествени стереотипи. Мора да се избегнуваат субјективни или лични заклучоци за жените.
Член 52
Ниту еден прилог или емисија, а особено темите од здравството, не смее да содржи ништо што на кој било начин може да влијае на влошување на состојбата на болниот или загрозување на здравјето. Сите информации што се однесуваат на човековото здравје или на неговото лекување мора пред емитувањето да ги проверат медицински стручни лица.
Во прилозите и емисиите од здравството не смее да се дава лажна надеж за излекување или да се изнесуваат очекувања и тврдења дека наскоро ќе биде откриен нов (чудотворен) лек.
Конкретни податоци за болниот и неговата здравствена состојба смеат да се објавуваат само со согласност на болниот. Болните не смеат да бидат изложени на инсистирање, ниту на каков било притисок за давање изјава или интервју. Ако по грижлива молба таквата личност се согласи на изјава или интервју, тоа мора да се спроведе грижливо и во најкус можен рок.
Пациентите во болница не смеат да се снимаат тонски или видео без нивна согласност.
Член 53
Личностите со инвалидитет во програмата треба да се прикажуваат рамноправно како и сите други личности, а гледачите и слушателите мора да бидат непристрасно информирани за нивните проблеми или барања.
Изрази во текстовите или говорот за лица со инвалидитет. мора да се избираат со особено внимание. Не смеат да се означуваат како жртви или личности што треба да се сожалуваат. Пред составувањето на текстот или концептот на емисијата, неопходно е да се побара совет од стручно лице за тоа кои термини се современи, односно кои термини треба да се користат. Мора да се избегнуваат застарени или навредливи изрази, како што се ментално дефектни, ментално хендикепирани, ретардирани, осудени на количка, инвалидни деца, монголоиди , ,,падавичари,, и слично.
Член 54
Во рамките на религиските емисии мора да се осигура рамнотежа при прикажување на верските заедници, односно да се поттикнува меѓурелигијски дијалог и почитување на различностите на сите верници. Изразот црква во религиските и нерелигиските емисии не смее да се користи како синоним за една верска заедница, туку треба точно да се назначи нејзиниот полн назив.
Други професионални стандарди и начела
Член 55
Сите личности кои даваат изјави или интервју на програмите на МРТ мора да бидат запознаени со тоа за која емисија или прилог е наменето интервјуто, односно мора да бидат претставени со полно име и презиме. Во телевизиското емитување мора јасно да се видат на снимката.
Кога за тоа постои согласност, но јавното идентификување на личноста би ја загрозила неговата сигурност или правото на приватност, а за емитувањето постои интерес во јавноста и професионално оправдување, тогаш идентитетот на личноста, како и неговото лице мора да се прикријат при емитувањето.
Член 56
Интервјуто во програмите на МРТ мора да биде темелно подготвено и коректно спроведено од водителот на интервјуто.
Водителот на интервјуто во Информативната програма не смее за време на водењето на интервјуто на каков било начин да го искажува своето расположение или ставови за изречени одговори или разговори во целост. Водењето мора да биде во согласност со општоприфатените професионални и општествени мерила.
На личноста која одговара на прашања, водителот мора да и даде можност и потребно време да одговори на прашањето. Водителот има право да го замоли соговорникот да се придржува на прашањата, да биде содржаен и конкретен во својот одговор и има право да го прекине ако избегнува одговор или ако неговиот одговор не се однесува на прашањето. Водителот има право да го прекине интервјуто ако со причина процени дека одговорите или однесувањето на соговорникот станале нецивилизарани, агресивни или на кој било друг начин непримерни.
На личноста која одговара на прашања смеат да и се дадат само рамковни теми за интервјуто, односно неговото приближно време на траење. Ако веднаш по завршувањето на снимањето личноста не ја повлекла својата изјава или интервјуто во целост или во делови, односно ако тоа го направила дополнително, новинарот или уредникот таа содржина сепак може да ја емитува ако процени дека таа изјава е од исклучителен интерес за јавноста.
Ако изјавата или интервјуто се повлечени веднаш по снимањето, јавноста може да се извести кој е оној што го повлекол интервјуто или изјавата и на која тема е, но без да наведе или да ја емитува содржината на изјавата.
Кога за ист прилог или емисија се земаат изјави или интервју на двајца или повеќе учесници, на ниту еден не смее да му се дозволи однапред да ја слушне содржината на тоа за што зборувале другите.
Новинарот или водителот на емисијата е должен да го заштити гостинот на емисијата од сите непримерни напади и груби навреди на другите гости во емисијата и од нападите на слушателите и гледачите.
Личноста која била учесник, гостин или на друг начин учествувала во снимена емисија, а и однапред била известена за содржината на емисијата, нема право на вето за објавување на емисијата и на дел од емисијата, освен на деловите во коишто учествувала видео или тонски.
Емисијата може да се емитува и покрај вложеното вето ако новинарот или уредникот проценат дека таа изјава е од јавен интерес и ако тие делови коишто не можат да се издвојат од целината, а да не се загрозат смислата или квалитетот на емисијата.
Новинарот нема да дозволи реализација на барање од личноста која дава изјава или интервју, односно барање за гостување во програма ако е тоа спорно со уредувачката политика на МРТ и со одредбите на овој Кодекс, другите стандарди или закони, ниту пак за избор на место за снимање што не е мотивирано од практични или содржински неутрални причини.
Член 57
Таканаречените улични анкети или снимени изјави со случајно одбрани личности можат да се употребат во програмите само како илустрација за разновидност на ставови што постојат за некоја тема во јавноста.
Со тоа, во таквите анкети мора да се прикажат типични претставници кои покажуваат цел спектар или нијансирање на ставови, но на каков било начин не смее да се сугерира дека станува збор за став или мислење што преовладува во јавноста.
Член 58
Во информативните емисии на МРТ треба да се избегнуваат телефонски гласања во кои гледачите и слушателите се јавуваат на еден од понудените телефонски броеви за да се собираат нивните гласови. Во емисиите во кои таквото гласање сепак се спроведува, секогаш кога на екранот или во етерот се наведуваат телефонските броеви и резултатите од гласањето, потребно е да се назначи причината, односно бројот на гледачите коишто гласале, со напомена дека гласањето не го одразува ставот на целокупната јавност.
МРТ по правило не плаќа за личните извори на вести и информации. Во посебно важни ситуации, уредникот на Информативната програма може да предложи да се платат таквите извори, а одлука за тоа мора да донесе извршниот директор на МРТ.
За настап на програмата на МРТ не смеат да се плаќаат никакви хонорари, патни трошоци, дневници или други издатоци на функционери и членови на политички партии, пратеници, судии, членови на Владата, помошници и државни секретари, односно на сите други челници на државни и локални власти кои настапуваат по основ на својата функција.
Член 59
Новинарите се обврзани да го почитуваат авторството на колегата и на друг работник на МРТ. На МРТ и е забрането да објавува тонски, видео и текстуален плагијат.
Кога се користат туѓа изјава, текст, видео или тон, мора да се наведат имињата на авторите и на медиумските куќи во тој материјал, а исклучоци може да се направат само ако се во согласност со законските прописи. (Закон за авторското и сродните права и Закон за медиумите).
Член 60
Емисии и прилози со порнографска содржина не се дозволени.
Емисиите и прилозите во Информативната програма на МРТ, по правило мора да го почитуваат таканаречениот добар вкус, односно општоприфатените општествени вредности за сфаќањето на вулгарноста, половоста и насилство.
Од тоа правило смее да се отстапи само во посебни прилози, емисии, авторски или уметнички дела, потоа во ситуации кога изоставувањето на специфичниот јазик, на половост или на насилство би ги искривиле реалноста или настанот, односно во случаи кога емитувањето на содржината може суштински да придонесе гледачите и слушателите подобро да го разберат светот во кој живеат. Но на ниту еден облик на насилство на кој било начин не смее да му се придава значење.
Програмските содржини кои очигледно се штетни за физичкиот, душевниот или моралниот развој и не се примерни за децата и младите можат да се емитуваат само во вечерните, односно во ноќните термини, при што непосредно пред почетокот на емитувањето на таквата содржина мора посебно да се назначи или најави нивната несоодветност за деца и младинци. На секоја таква содржина која објективно е непримерна за деца или која може да ги вознемири чувствителните слушатели или гледачи мора да се даде порака дека ќе се емитува непосредно пред нејзиното емитување.
Во програмата на МРТ не е дозволено емитување на тонски или видеозаписи на страдање, мачење или убивање луѓе и животни. Емитувањето на таквата содржина може да биде оправдано само во контекс на осуда на таквите постапки и по правило не смее да трае подолго од 5 секунди. Безусловно е забрането емитување кадри на страдање, мачење или убивање на луѓе и на животни.
Член 61
Архивски, видео и тонски материјал кој во програмата се користи како илустрација на актуелни случувања или теми мора пред емитувањето јасно да се назначи со посебен натпис.
Материјалот од претходниот став не смее да се користи на начин на кој слушателите и гледачите би можело да ги наведе дека станува збор за актуелен настан.
Ако поради недостиг од автентичен материјал се користи реконструиран, на гледачите и на слушателите мора јасно да им се назначи на почетокот и на крајот на таквиот материјал.
Со посебните видео и звучни ефекти, технолошки постапки на обработка на слика или звук, односно со компјутерска анимација, во информативните прилози и емисии не смее да се искриви содржината или реалноста.
Предизборна кампања
Член 62
Во предизборната кампања сите работници во МРТ се обврзани да ги почитуваат изборните закони и законските прописи односно изборните правила на МРТ.
Во предизборната кампања не смее да се повреди начелото на рамноправност на политичките партии и самостојните кандидати, односно професионалните начела на непристрасност, коректност и неутралност на новинарите со политичките партии или кандидати, со тоа чувајќи го и своето професионално достоинство.
Во предизборната кампања, како јавен сервис, МРТ ги следи јавните настапи на политичките партии и самостојни кандидати согласно нивните активности. Доколку одредена политичка партија или самостоен кандидат имаат пообемна јавна активност од останатите политички партии, односно останатите самостојни кандидати, МРТ ги следи овие активности без притоа да се повредат одредбите од овој Кодекс и уредувачката политика на МРТ.
Во предизборната кампања МРТ како јавен сервис, односно сите новинари, автори, водители и уредници, поединечно мора да одбијат секаков вид политичка реклама која го негира составот на слободни и демократски избори, го попречува или спречува слободно изразување на волјата на гласачите, предизвикува сомнеж во нечија љубов кон татковината или кон човечкиот род, повикува на насилство или сторување на казнени дела, ги користи психичките и другите лични карактеристики за потценување на политичките противници, ги потценува националните и другите малцинства или здруженија, изнесува приватни податоци до кои дошол на незаконски начин.
Во текот на предизборната кампања и 15 дена пред нејзиниот почеток новинарите, авторите, водителите и уредниците кои се кандидирале не смеат да ја вршат својата работа во МРТ, а за тоа време може да им се одобри користење на неплатен одмор.
Член 63
Изборните правила МРТ треба да ги утврди најмалку 15 дена пред почетокот на предизборната кампања, емитувањето на бесплатни прилози и емисии со кои се претставуваат кандидатите и нивните програми, односно известувања за партиските собири. Редоследот на емитување на таквите прилози и емисии се одредува со јавна постапка.
Новинарите или водителите на такви емисии мора да ја водат и насочуваат расправата неутрално и непристрасно, со своите зборови, гестови и изрази на лицето, а на секој учесник мора да му овозможат да се изјасни за иста тема при што имаат право да го прекинат учесникот кој не го почитува времето предвидено за одговор.
Во текот на предизборната кампања во програмите смеат да се објавуваат прилози за државни и јавни функционери, а се кандидати кои учествуваат во изборите само ако објективно се работи за важни настани и активности на такви личности во склопот на нивната редовна работа.
Член 64
Во текот на предизборната кампања во сите програми треба да се избегнува секаков вид политичка реклама, односно МРТ смее да нарачува и објавува анкети за проценката на изборните резултати по извршеното гласање од субјект кој е објективен и независен и кој ужива најголем професионален углед за извршување на таа работа, а анкетата мора да се спроведе според пример и според највисоки стручни критериуми.
МРТ може, но со профeсионално внимание и дистанца да ги објави релевантните предизборни анкети што ги нарачале или објавиле други медиуми или независни политички здруженија и други, ако истовремено се спроведени повеќе релевантни анкети. МРТ мора да ги објави резултатите на сите такви анкети или мора да се откаже од нивното објавување.
За секоја анкета мора да се наведе кој ја нарачал, во кој временски период и по чиј пример ја спровел, процентот на излезеност, процентот на точност и други податоци суштински за оценката на резултатот на анкетата. При обjавување на резултатот на анкетата не смее да се употребуваат зборови како што се “анкетата докажува” или “низ анкетата е видливо дека ќе се” туку изрази како што се “анкетите сугерираат”, “анкетите упатуваат” и слични неутрални изрази.
Известувањето на МРТ за излезеноста на избирачите и за изборните резултати мора да се темели на службени информации чиј извор е Државната изборна комисија.
Реклами
Член 65
Маркетингот на МРТ е единствен овластен да ја објавува дејноста на рекламата заради емитување, односно рекламирање во програмата на МРТ.
За емитување на рекламата освен техничките услови рекламните пораки мораат да ги задоволат етичките стандарди.
- Мора да имаат законска содржина и порака, односно мора да рекламираат законски производ, не е дозволено да се рекламираат тутун и тутунски производи, оружје, дрога, лекови и медицински постапки кои се достапни единствено по рецепт на лекар, односно алкохол и алкохолни пијалаци, освен ако со посебен закон не е утврдено на друг начин.
- Потрошувачот не смее да се доведе во заблуда, односно информацијата не смее да биде прикриена или да има измамничка содржина.
- Не смеат да се споредуваат производи на различни производители.
- Не смеат да се наведуваат постапки што би можеле да го загрозат, здравјето, сигурноста и животот на луѓето.
- Не смеат да се кршат меѓународните конвенции за заштита на децата.
- Не смее да се наведува на расна, верска, национална, полова и друга нетрпеливост.
- Не смее да се наведуваат постапки што би можеле да ја загрозат околината.
- Не смее да се клеветат или навредуваат личности, човековото достоинство.
- Не смее да се клеветат и навредуваат компании, здруженија, државни и јавни тела.
- Не смеат да бидат спротивни со општо прифатените културни и цивилизациски вредности.
- Не смеат да се промовираат, односно да се рекламираат политички партии, согласно со законските прописи и усвоените правила.
- Не смеат да се рекламираат електронски медиуми кои се конкурент на МРТ.
- Не смее да се поттикнува купување производ или услуга.
Во информативните, верските, документарните и детските програми не се дозволени рекламни пораки и рекламирање на пласманот на производи и услуги во програмата.
Спонзорирањето на некоја емисија не смее на каков било начин да го загрози или намали угледот на МРТ, етичките стандарди и професионалниот интегритет и коректност на спонзорираните емисии.
Распоредот и програмската содржина не смеат да бидат под влијание на спонзори, односно покровители на начин со кој би влијаеле на одговорноста и независноста на уредникот.
Спонзорирање, односно покровителство на вести и емисии од информативен карактер не е дозволено.
Член 66
Новинарите во никој случај не смеат да се појавуваат со лик, ниту пак со глас во рекламни пораки, односно рекламирање или да бидат автори на платени реклами и натписи.
Работниците на МРТ не смеат со глас и лик да се појавуваат во рекламните пораки, односно рекламирање ниту пак да бидат автори на платени реклами и натписи, освен ако тоа е дел од нивната редовна работа во МРТ или ако таа работа ја извршуваат за МРТ или ако имаат писмено одобрение од извршниот директор на МРТ.
Кршењето на одредбите од овој член значи особено тешка повреда на Кодексот.
Прикриени реклами
Член 67
Не е дозволено прикриено рекламирање во кој било дел од програмата и во кој било облик, тонски – вербално или видео прикажување на стока и услуги, познати марки, името на произведувачот или давателот на услугата и нивните активности и секоја друга комерцијална содржина. Секој случај на евентуално прикриено рекламирање ќе се проценува засебно, согласно неговите специфичности.
Уредникот на емисија, уредникот на редакција, односно уредникот на програма е одговорен за прикриено рекламирање во емисија или во прилог и за недозволено пласирање производи и услуги во програмата (емисии,прилог) и е обврзан пред секое емитување на емисија или прилог да утврди постоење на евентуално прикриено рекламирање или недозволено пласирање на производи и услуги во емисија или прилог.
Во случај од претходниот став уредникот има право при утврдување на прикриеното рекламирање да побара помош од стручните служби на МРТ (маркетинг на МРТ и правна служба на МРТ) или во службите за следење и утврдување на прикриеното рекламирање .
Маркетингот на МРТ, а според потреба и другите стручни служби се обврзани да дадат стручна помош на Комисија во случај на пријава за повреда на одредбите од Кодексот во врска со прикриено рекламирање или недозволено пласирање производи и услуги во програмата.
Недозволеното пласирање производи и услуги и прикриеното рекламирање претставува особено тешка повреда од овој Кодекс.
Рекламирање за пласирање на производи и услуги во програмите на МРТ и постапката за утврдување на прикриено рекламирање (методологијата) се утврдува со посебни правила кои го сочинуваат составниот дел од овој Кодекс.
Член 68
За следење и утврдување на прикриеното рекламирање и недозволеното пласирање производи и услуги во програмите на МРТ се основа Комисија за следење и утврдување на прикриеното рекламирање (во натамошниот текст Комисијата).
Комисија има 5 членови со мандат од по 2 години кои ги именува извршниот директор на МРТ.
Комисија сама го избира претседателот.
Комисијата во согласност со законските прописи и општите акти за прикриено рекламирање и недозволено пласирање на производи и услуги во програмата врз основа на секојдневни прегледувања на програмата и испитување на другите факти и околности (податоци на уредникот, новинарот и друго) носи мислење за прикриеното рекламирање на програмата.
Мислењето од претходниот став се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Комисија, освен мислењето од претходниот став, дава мислење за прикриеното рекламирање на посебно барање од телата на МРТ, а по емитување на програмата, како и во случај на двоумење пред емитување (превентивно), на барање од уредникот на програмата или уредникот на емисијата.
Комисија своите мислења ги доставува на секои 8 дена до раководителите на сектор, одговорните уредници на програмските сервиси, а и до програмските колегиуми и дирекцијата на МРТ при одредено двоумење или ако програмските колегиуми или дирекцијата го побара тоа.
Дирекцијата на МРТ односно извршниот директор на МРТ е обврзан да осигури (обезбеди) технички и административни услови за прегледување и преслушување емисии на МРТ, но и другите услови за работата на Етичката комисија.
Член 69
Во случај членовите на Комисија да забележат прикриено рекламирање, тогаш Комисија поведува постапка за утврдување на одговорност, односно се доставува пријава со документација до извршниот директор на МРТ поради преземање мерки кон уредникот на емисијата, односно уредникот на програмата во согласност со работно-правните прописи и општите акти.
Ако во одделни случаи се утврди квалификација во согласност со член 14 од Кодексот, во врска со прикриеното рекламирање, Комисија мора веднаш или најдоцна во рок од 3 дена од емитување на емисијата своето мислење да го достави до раководителот на надлежниот сектор и до уредникот на програмата.
Во случај на прикриено рекламирање, потребно е во секој конкретен случај да се разгледа можноста и да се настојува да се изврши наплата од трета страна, во согласност со ценовникот на маркетиншките услуги.
Член 70
Редакциите, односно програмските сервиси се обврзани на секои три месеци да ја разгледаат состојбата во својата програма во однос на прикриеното рекламирање како и во однос на судирот на интереси и дискриминација, во смисла на анализа на состојбите, превенција и едукација.
За спроведување се задолжени одговорните уредници на програмските сервиси кои по барање на телата на МРТ се должни да достават известување со назначените задолженија.
Етичка комисија
Член 71
Во МРТ се основа Комисија за утврдување повреди на Етичкиот кодекс (во натамошниот текст Етичка комисија), односно носење мислење за повреди на Етичкиот кодекс, освен во делот на прикриено рекламирање за чие утврдување се формира посебна Комисија во согласност со овој Кодекс.
За пријави на повреда на Кодексот врз Извршниот директор, Заменик извршен директор, Директорот на телевизија, Директорот на радио, Директорот на Заеднички функции и администрација, Директорот на музичка продукција и раководителите на сектори не е надлежна Етичката комисија за утврдување повреди на Етичкиот кодекс, туку Деловниот колегиум на МРТ.
За пријави на повреда на Кодесот врз одговорните уредници на програмските сервиси и уредниците на програма, исто така, не е надлежна Етичката комисија за утврдување повреди на Етичкиот кодекс, туку Програмските колегиуми на односниот програмски сервис.
При расправата за повредата на Етичкиот кодекс на Деловниот односно Програмскиот колегиум, членот врз кој е извршена повреда на Етичкиот кодекс е изземен од гласање и одлучување.
Деловниот и Програмскиот колегиум, за повреди вон пропишаните постапки, мора да побараат мислење од Етичката комисија.
Повредата на Кодексот воедно е и повреда на работните обврски.
Член 72
Ако Етичката комисија добила пријава за повреда на одредбите од Кодексот, извршниот директор на МРТ може да застане зад постапката што ја повел за утврдување на одговорност за ист случај додека Етичката комисија не го достави своето мислење.
Член 73
Етичката комисија е составена од пет (5) членови.
Мандатот на членовите на Етичката комисија трае две години. Ист член на Етичката комисија може да биде реизбран.
Етичката комисија своите мислења или препораки ги носи со мнозинство гласови, со вкупниот број членови - 5 (пет). Во случај на сомнеж за корупција, Етичката комисија своето мислење или препорака го доставува до телата на МРТ, поточно на извршниот директор на МРТ кој е обврзан да постапи во согласност со законските прописи, односно да го пријави случајот до државното обвинителство или полиција.
Членовите на Етичката комисија ги именуваат:
- Дирекцијата на МРТ – 1 член,
- Македонска телевизија – 1 член,
- Македонско радио – 1 член,
- Заеднички функции и администрација – 1 член,
- Синдикатот на МРТ – 1 член
Член 74
Првата седница на новоизбраната Етичка комисија ја свикува и води до именување на новиот претседател на Етичката комисија, дотогашниот претседател. На првата седница на новоизбраната Етичка комисија на која учествуваат сите членови со мнозинство, повеќе од половина гласови, се избира претседател и заменик-претседател.
Ако за претседател е избран работник од МТВ, за заменик мора да се избере работник од МРА. Иста личност може да биде избрана за претседател или за заменик најмногу два пати последователно. Заменик претседателот го заменува претседателот ако тој не е назначен или објективно е спречен да заседава со Етичката комисија
Етичката комисија може со мнозинство гласови од своите членови да ги разреши од должноста претседателот и заменик претседателот доколку смета:
- дека со грубо запоставување на своите должности се загрозува работата на Етичката комисија,
- дека се кршат важни правила и постапки од овој Кодекс,
- да ја користат својата должност на начин и за цел што е неспоиво со дејствувањето и се значајни за Етичката комисија,
- на истата седница на која е сменет претседателот или заменик претседателот да се избере нова личност за должност претседател, односно заменик претседател.
Доколку Етичката комисија утврди дека некој од нејзините членови го повредил Кодексот, таа личност на денот на носењето на одлуката за повреда на Кодексот престанува да биде член на Етичката комисија, а оние што го избрале и именувале мора во што пократок рок да именуваат нов член за преостанатото време од мандатот на дотогашниот член, односно до истекот на мандатот на Етичката комисија.
Член 75
Етичката комисија поведува постапка за утврдување на повреда на Кодексот врз основа на примена пријава за повреда на Кодексот, освен во случај кога мислењето надвор од пропишаната постапка за пријава (независно од роковите и прописите содржани во пријавата) го побараат програмските колегиуми, деловните колегиуми или извршниот директор на МРТ.
Пријавата мора да биде разбирлива и треба да ги содржи: името на личноста што ја поднела пријавата (во понатамошниот текст оној кој пријавува), името на личноста против која е поднесена пријавата (во понатамошниот текст пријава), краток опис на повредата и време на настанување на повредата, датум на поднесувањето на пријавата, своерачен потпис. Со тоа можат да се приложат други податоци, документи или материјали за кои лицето кое се јавува како подносител смета дека се потребни.
Неразбирлива пријава или пријава која не ги содржи најнеопходните податоци потребни за почнување на постапката, Етичката комисија има право да ја отфрли.
Пријавениот може да даде пишан одговор на пријавата се до почетокот на неговиот усмен отчет пред Етичката комисија .
Член 76
Пријава може да поднесе секој работник на МРТ, како и секој надворешен соработник на МРТ, односно секое тело на МРТ.
Член на Етичката комисијата кој ќе поднесе пријава мора да се изземе од расправата и гласањето по таа пријава. Ако во расправата на Комисијата и гласањето учествува член кој поднел пријава, одлуката е неважечка, а постапката мора да се повтори.
Пријава може да се поднесе и против член од Етичката комисија. Пријавениот член мора на седница усно да даде отчет и мора да се изземе од расправата на Етичката комисија и од гласањето. Ако е пријавен претседателот на Етичката комисија, неговиот заменик е должен да постапи по овој член.
Член 77
Пријава може да се поднесе во рок од 5 работни дена од денот на сознанието за повреда на Кодексот, а најдоцна во рок од 10 работни дена од денот на сторената повреда.
Во работни денови од претходниот став не се земаат предвид неделите и државните празници.
Пријавата што е поднесена по истекот на роковите од ставот 1 од овој член Етичката комисија ќе ја отфрли.
Само извршниот директор на МРТ може да побара мислење од Етичката комисија надвор од роковите за пријава кога се работи за повреда на Кодексот во врска со работата и однесувањето на новинарите ( новинари,уредници, водители и автори ) .
Извршниот директор на МРТ може да донесе одлука за повреда на работните обврски, која е воедно повреда на Кодексот, независно од тоа што не е поднесена пријава од Етичката комисија како и во случај на отфрлање пријава поради изминат рок .
Член 78
Претседателот на Етичката комисија е обврзан во што е можно најкус рок по примањето на пријавата да закаже седница на Етичката комисија и на сите членови да им ги достави пријавата и приложената документација.
Етичката комисија е обврзана да донесе мислење најдоцна во рок од 8 дена од денот на пријавата, а во случај на особено тешки повреди на Кодексот најдоцна во рок од 3 дена од денот на пријавата.
Претседателот на Етичката комисија свикува и ја води седницата на Етичката комисија, потпишува одлуки и мислења на Етичката комисија. Етичката комисија е обврзана да бара отчет од пријавениот за пријавата за повреда на Кодексот, а може да повика и други личности чиј исказ би можел да помогне во донесување на заклучокот.
Ако не може усно да даде отчет пред Етичката комисија, пријавениот може и писмено да даде отчет за пријава на повреда на Кодексот.
Етичката комисија може во својата работа да побара помош од стручни лица и стручни служби и да спроведе докази што ги смета за потребни. Во случај да треба да се прегледа снимка, треба да се настојува материјалот да се прегледа пред усниот отчет на лицето.
Етичката комисија дава мислења за повреда на Кодексот независно од мислењата на лицата кои поднесуваат пријава за тоа кои одредби од овој Кодекс се повредени, односно Етичката комисија не мора да даде квалификација за пријавените повреди. Етичката комисија може да заклучи дека се повредени одредбите што лицето кое пријавило не ги потврдило во пријавата.
Ако претседателот на Етичката комисија или неговиот заменик прикријат примена пријава или намерно пропуштат да свикаат седница во предвидениот рок, тоа претставува грубо кршење на обврските и правилата на Кодексот.
Член 79
Лицето што пријавува и пријавениот и членовите на Етичката комисија не смеат да даваат податоци и информации за случајотм односно за постапката во јавноста ниту во медиумите. Информации за предметот може да даде претседателот на Етичката комисија по завршно, односно конечно мислење на Етичката комисија.
Етичката комисија не смее да дава и открива податоци како гласале одделни членови.
Етичката комисија може да реши и побара за одделни случаи, кога се смета за целисходно и оправдано мислењето на Етичката комисија, да се објави на Интернет-страницата на МРТ. Во случај предметот да има врска со судирот на интереси и корупција, мислењето на Етичката комисија задолжително се објавува на Интернет страницата на МРТ.
За својата работа Етичката комисија води записник што го потпишува претседателот, а во случај на отсутност заменикот-претседателот.
За административни и технички работи на Етичката комисија извршниот директор на МРТ задолжува едно или повеќе лица од вработените во МРТ.
Член 80
Секој член на Етичката комисија кој со пријавувачот или пријавениот е во фамилијарен или пријателски однос, кој е непосредно или посредно вмешан во спорните случувања или кој со својата надредена положба во процесот на работата учествува или мора да учествува во спорниот случај, мора безусловно да се изземе од расправата или гласањето за пријавата. Ако во расправата и гласањето учествува на таков начин, мислењето е неважечко, а постапката мора да се повтори.
Член 81
Етичката комисија носи мислења и препораки
Етичката комисија носи мислења за повреда на Кодексот врз темелна пријава или врз основа на барање од телата на МРТ:
- пријавениот „не го повредил Кодексот„ ;
- пријавениот „го повредил Кодексот„;
- пријавениот „особено тешко го повредил Кодексот“.
Мислење за повреда на Кодексот се дава за секој член од Кодексот.
Секој член на Етичката комисија може во врска со одделни случаи ако е заклучено спротивно на неговото мислење да бара неговото мислење да се издвои.
Етичката комисија носи препораки (во областа судир на интереси или сомнеж за коруптивни однесувања) на сопствена иницијатива или на барање од телата на МРТ, односно уредникот во врска со прашања за превенција, едукација или постапка во разрешување на одредени случаи .
Кај проценката и утврдувањето на судир на интереси особено се води сметка за природата на работата што ја извршува работникот .
МИСЛЕЊАТА И ПРЕПОРАКИТЕ што ги донесува Етичката комисија треба да содржат образложенија и предлог за понатамошната постапка според мислење на Етичката комисија .
Предлог од претходниот став се дава во склопот на мислењето на Етичката комисија
Член 82
Членовите на Етичката комисија се должни при проценување на одговорноста на пријавениот да ја земат предвид секоја објективна олеснувачка околност, соодветно на нејзиното значење и вистинската важност во конкретниот случај .
Етичката комисија може да процени со оглед на околностите дека пријавениот кој објективно го прекршил членот со квалификација „особено тешка повреда на Кодексот„ во конкретниот случај не ја направил таа повреда туку само повреда на Кодексот .
Членовите на Етичката комисија можат при проценувањето на одговорноста на пријавениот да ги земат предвид и субјективните олеснувачки околности кои пријавениот јасно и искрено ги изрекол на состанокот на Eтичката комисија. Тоа може да биде жалење, каење, признавање на грешката, влијание на лични проблеми и слични субјективни елементи. Етичката комисија мора внимателно да ги процени и вреднува. Етичката комисија не смее да ги земе предвит субјективните, олеснувачки околности за пријавенот кој во претходната постапка пред Етичката комисија веќе ги истакнал таквите околности .
Член 83
Мислењето на Етичката комисија мора да го содржи името на Етичката комисија и назначените членови, датумот на донесувањето, со колку гласови е донесено, името на пријавувачот и на пријавениот, датумот на поднесување на пријавата, јасно мислење, образложение, односно во образложението треба да има краток приказ на исказот на пријавувачот и на пријавениот, своерачен потпис на претседателот на Етичката комисија, дознака кому се доставува мислењето.
Во мислењето не смее да се наведе како гласал секој поединечен член, освен во случај на издвоено мислење, кога мора да биде видливо кој го дал издвоеното мислење.
Мислењето се доставува до пријавениот, до извршниот директор и до директорот на организациската единица, односно до раководителот на сектор (доколку се работи за работник од сектор)
Директорите на организациските единици поведуваат постапка за утврдување одговорност, (доставување пријава до извршниот директор на МРТ) според работно правните прописи и општите акти на МРТ.
Член 84
Етичката комисија е должна да го известува извршниот директор на МРТ за своите проблеми со коишто се соочува во работата. Извршниот директор на МРТ е должен да соработува со Етичката комисија и да овозможи потребна техничка помош во работата. .
Никој не смее во целина или поединечно да ги изложува на притисок, уцена и на други влијанија чија последица или цел е ограничувањето на независноста и слободата во извршувањето на нивната работа или при носењето конкретни мислења.
Влегување во сила на Етичкиот кодекс
Член 85
Етичкиот кодекс на МРТ стапува во сила осмиот ден од денот на објавување на огласната табла на МРТ .