Пораст во функционирање на осигурителниот сектор
До крајот на јуни остварена била бруто полисирана премија (БПП) во износ од 4,31 милијарди денари или пораст на приходите од 8,36 отсто во однос на истиот период лани...

Пораст во сите сегменти на функционирање на осигурителниот сектор е остварен во првата половина од 2015 година. Позитивен тренд има и во осигурувањето на живот и во неживотно осигурување, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување.
До крајот на јуни остварена била бруто полисирана премија (БПП) во износ од 4,31 милијарди денари или пораст на приходите од 8,36 отсто во однос на истиот период лани. Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на приходите за 19,96 проценти, при што остварената БПП изнесува 461,66 милиони денари. Во истиот период минатата година изнесуваше 384,84 милиони денари. Оваа висока стапка на пораст на осигурувањето на живот е една од највисоките стапки на пораст споредено со сите земји во Европа.
Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП од 3,85 милијарди денари, односно пораст на приходите од 7,11 отсто во споредба со првите шест месеци од 2014 година. Овој висок пораст во делот на неживотното осигурување се должи пред се на порастот на осигурувањето на имот од 19,50 отсто со БПП 1,14 милијарди денари, осигурувањето од незгода од 6,36 проценти со БПП 350,27 милиони денари и осигурувањето од туристичка помош од 12,18 проценти со БПП 86,81 милиони денари.
Друштвата за осигурување во првата половина од 2015 година исплатиле бруто-износ на штети од 1,58 милијарди денари. Бруто исплатените штети бележат пораст од 12,79 проценти во споредба со првата половина од 2014 година, кога биле исплатени 1,40 милиони денари.
Агенцијата за супервизија на осигурување очекува дека порастот на БПП ќе се задржи до крајот на 2015 година во двата сегменти на неживотно осигурување и во делот на осигурувањето на живот.
