Бранот бегалци не стивнува

14.09.2015 10:56

Со стотици изминати километри пат под уморните нозе и тешки торби на рамената, мигрантите и бегалците на Табановце го завршуваат својот пат низ Македонија. Србија е следниот предизвик, последна точка пред влезот во долгопосакуваната ЕУ...

Со надеж дека ќе најдат соодветна облека меѓу купиштата донирани панталони, блузи, маици и чевли, мигрантите, иако премалени од умор ги полнат своите торби пред да заминат од Македонија и да се упатат кон пунктовите на српската граница. Вода, средства за хигиена, храна – хуманитарните екипи несебично помагаат.

„Претежно тие што доаѓаат со возовите се уморни и изнемоштени. Им даваме можност да одморат, да соберат малку енергија и да продолжат понатаму онаму каде што сакаат да стигнат“, вели Мустафа Миљазим, хуманитарно здружение „Влазнија“.

Дулб Асир има седумнаесет години. Избегал од Авганистан. Свесен е за ризиците што ги носи масовната миграција, но вели дека животот во неговата земја станал неподнослив.

„Повеќе од еден месец сум излезен од дома. Вие знаете зошто. Секој ден имаше војување, се убиваа луѓе. Ним им е лесно да убијат човек. Верувајте, никој не сака да го напушти семејството, мајка си, татка си, браќата. Но, се одлучив на овој чекор

бидејќи е тешко да се живее таму“, вели Дулб Асир, бегалец од Авганистан.

Разделбата со семејството била најтешка, раскажува Дулб Асир. Свесни дека не можат сите членови да заминат, семејството донело одлука да го испратат само него. Со благослов од мајка си и повеќемесечната семејна заштеда во џебот, овој средношколец тргнал кон Германија со надеж дека ќе изгради посветла иднина.

„Ги напуштив двајцата браќа и двете сестри, мајка ми, баба ми и дедо ми. Ако имавме повеќе пари ќе дојдеа и тие, но бидејќи немаме, тргнавме само јас и братучедот“, вели Асир.

Патот до Германија почнал со илегалиот влез во Иран, каде ова момче било заробено од полицијата заедно со неговите сопатници.

„За среќа немам здравствени проблеми, но другите луѓе имаат. Патот од Иран до Турција е најтешкиот пат. Осум дена пешачевме. Успеав да ја минам границата при вториот обид. Првиот пат бевме околу 80 луѓе и сите бевме уапсени од полицијата. Само единаесетмина успеавме да избегаме. Беше многу тешко. Бегалците беа повредени, иранската полиција убиваше бегалци. Тие се многу сурови луѓе. За разлика од нив, властите во Грција и во Македонија се љубезни. И се надевам дека на мојот пат само добри луѓе ќе среќавам“, раскажува Асир.

Со ранецот на грб, Дулб Асир си го продолжи патот. Неговата судбина ја делат повеќе од 75 илјади бегалци кои до сега минале низ Македонија. Притисокот од јужната граница расте. Секојдневно пристигнуваат повеќе од 5.000 луѓе чија крајна дестинација е ЕУ.

 

Анита Димитријевска