Холокаусотот да биде поттик за соживот

14.09.2015 13:23

Преку изучување на трагичните настани од минатиот век, младите да не го заборават протерувањето на евреите во Треблинка. Во Меморијалниот центар на Евреите, испратена пораката за мир...

Да се гради соживот, да се надмине нетолерантноста. Холокаустот да биде поттик и лекција. Преку изучување на трагичните настани од минатиот век, младите да не го заборават протерувањето на евреите во Треблинка. Да станат активни поборници на соживотот и креирањето на антидискриминирачките политики. Во Меморијалниот центар на Евреите, испратена пораката за мир.

„Патот на единството, негувањето на хуманистичките и моралните вредности, е единствениот пат за да се создаде свет во кој сите вери, нации и раси, ќе бидат сплотени во градењето на подобро општество“, изјави Горан Садикаријо, директор на Меморијалниот центар на холокаустот на евреите во Македонија.

И во образованието има простор да се надоградат лекциите за историските моменти поврзани со протерувањето на евреите.

„Сепак на некое ниво задоволува застапеноста на содржините во постоечките наставни единици, особено по историја и другите предмети, кои ги обработуваат овие содржини, но мислам дека има простор и во иднина да се збогатуваат“, изјави Сафет Незири, советник во Министерство за образование и наука.

Оној кој од историјата ја зема само позитивната страна, нема да научи ништо, рече амбасадорката на Германија во Македонија.

„Јас сум убедена дека историјата може да не научи на лекции, можеме ако сме отворени да сакаме да ја слушнеме и другата страна“, рече Кристина Алтхаузер, амбасадор на Германија во Македонија.

Заложбите на Меморијалниот центар на холокаустот на евреите од Македонија е да прерасне во регионален центар за истражување, едукација и сеќавање на холокаустот, како вечен паметник и сведоштво за оваа незамислива трагедија.

 

Александра Перевска