Обука на градежници за енергетска ефикасност
Работниците од градежниот сектор кои имаат неформално знаење и искуство, ќе можат да ги унапредат вештините. Ќе станат поконкурентни на пазарот на трудот, а сертификатите ќе им важат и во земјите на ЕУ.

Фасадери, кровопокривачи, столари, инсталатери- ќе се стекнуваат со сертификати за енергетска ефикасност. Работниците од градежниот сектор кои имаат неформално знаење и искуство, ќе можат да ги унапредат вештините. Ќе станат поконкурентни на пазарот на трудот, а сертификатите ќе им важат и во земјите на ЕУ.
„ Ги поттикнуваме градежните компании да ги пријават своите работници за стекнување сертификат што ќе потврди дека се обучени да ги применуваат принципите на енергетската ефикасност“, истакна Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.
Повикот за пријавување ќе трае до крајот на октомври. Досега аплицирале 100 кандидати. Предвидено е 1.000 работници да поминат низ процесот на препознавање на вештини за енергетска ефикасност.
„Во рамки на овој проект имаме обезбедено 20 обучени инструктори за подготовка за обучувачи за тренинзи за енергетска ефикасност, 200 тренери за испорака на обуките и се надеваме 1.000 работници со верифицирани занимања“, изјави Ристо Иванов, Здружение на бизнис консултанти „Креација“.
Околу 4 илјади македонски работници во последниве години поминале обуки за енергетска ефикасност. Се очекува половина од нив да се пријават на повикот за сертифицирање.
Со унапредување на вештините на работниците од градежниот сектор ќе се постигне и зголемена енергетска ефикасност во објектите.
Сунчица Николоска
