За 20 години Македонска берза- свртени 3,3 милијарди евра
За две децении на Македонска берза свртени се 3,3 милијарди евра. Регионалното поврзување – иднина на пазарите со хартии од вредност...

Повеќе од 3 милијарди и 300 милиони евра биле завртени на домашниот пазар на капитал за две децении постоење. Најмногу се тргувало со акции, а само една десетина биле обврзници. Највисоко ниво на индексот и рекорден промет биле забележани во 2007-ма кога биле истргувани хартии од вредност за 680 милиони евра. Перспективите ќе се бараат во регионално окрупнување.
„Подолг временски период акционерите на берзата, а и берзата има визија дека треба да бидеме дел од една поширока алијанса на берзи, дали тоа ќе биде поцврста или полабава форма останува да се види. Го имаме оној регионален проект со берзите од Софија и од Загреб. Тоа би требало во првиот квартал од наредната година да почне многу полесна размена на налози за тргување на овие три пазари“, изјави Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза АД Скопје.
Глобалните случувања на некој начин се прелеваaт во економиите и финансиските сектори на сите земји од регионот. Кај нас влијанието доаѓа и преку соседните земји од каде доаѓаат главните портфолио инвеститори. Слично влијание имаат и политичките случувања, но тие сепак се лимитирани, вели Штериев.
„Берзата не е институционален остров, за поголемо раздвижување е потребен некој поидеален микс на повеќе фактори. Значи добра комбинација на економско, политичко и регулаторно окружување“, нагласува Штериев.
Официјално јубилејот 20 години од почетокот на тргувањето на домашната берза ќе биде одбележано во март наредната година. Денеска беше организирана специјална презентација пред 20 најдобри студенти на Економскиот факултет, врсници со македонскиот пазар на капитал.
Свето Николовски
