Бранот мигранти не стивнува- за еден ден над 6 илјади низ Македонија
Според проценките на УНХЦР, за еден ден низ земјава, од јужната кон северната граница се упатиле повеќе од 6 илјади луѓе, на пат кон подобар живот во Западна Европа. Вкупниот број на издадени потврди со искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил достигна речиси 76 илјади...

Кога во времето на Југославија дошол од Сирија да студира медицина, никогаш не помислил дека еден ден ќе треба да му помага на својот народ на ваков начин. Сириецот Абдула, кој долги години работи како лекар во Црвениот Крст на Македонија, со болка во душата ја преживува оваа бегалска криза.
„Ова веќе не е миграција, ова не е бегалска криза, ова е чисто етночко чистење, чистење на државата. Не знам утре кој ќе живее во Сирија, цел народ отиде надвор, во Европа. Утре треба да донесат друг народ, од друга планета да живее таму“, вели доктор Абдула.
Кога не можеш да ги промениш работите, тогаш помогни им на луѓето кои се во невоља. Доктор Абдула со својата колешка секој ден на Табановце им даваат прва помош на бегалците кои стигнале до Македонија. Вели, најмногу се жалат на главоболки, стомачни мачнини, респираторни проблеми и мускулно-зглобни тегоби. Чести се и оние со ранички на нозете кои се појавуваат од чевли при долго пешачење.
„Вршиме преврски, ги помагаме со кремови, масти, спрејови. За стомачните тегоби ги третираме со таблети“, вели доктор Абдула.
Абдула е сведок на тажни судбини. Вели, од инвалидизирани лица, до стари и изнемоштени луѓе. Секој гледа да спаси жива глава. Така и ова сириско семејство го напуштило својот дом за да бара подобра иднина за своето деветмесечно бебе.
„Патуваме 60 дена. Патот е многу тежок. Сакаме да стигнеме во Германија“, вели жителка на Сирија.
Според информациите на Македонски железници во текот на вчерашниот ден низ Македонија транзитирале околу 4.000 лица со вкупно 7 воза.
Катерина Топалова
