„Кондево“ почна да гради фабрика во зоната во Штип
Италијанската компанија „Кондево“ почна да гради фабрика во Македонија. Од слободната економска зона во Штип ќе произведува бојлери за пазарите во странство. Инвестицијата е вредна 30 милиони евра и треба да отвори 280 работни места...

280 работници ќе се вработат во погоните на италијанската фабрика „Кондево“. По само еден состанок со македонските министри одржан во Палермо, брендот од Сицилија донел одлука да инвестира 30 милиони евра во Македонија. Македонија е избрана во конкуренција на повеќе европски земји, затоа што понудила најдобри услови за инвестирање.
„Новата фабрика ќе претставува глобален производствен капацитет каде Кондево ќе ги лансира своите нови патентирани производи. Целокупното производство е планирано за извоз со што Кондево уште повеќе ќе го засили растечкиот извоз од Република Македонија. Она што е исто така важно, фабриката на Кондево ќе донесе и многу нови знаења, практична работа со високо софистицирана и врвна технологија, а тоа ќе значи и можности за многу инжинери, квалификувани работници и менаџери да имаат можност да се вработат и да работат во модерна автоматизирана фабрика“, изјави премиерот Никола Груевски.
„Кондево“ е лидер во производство на топлотни разменувачи за бојлери и добавувач на светски познатите производители на бојлери. Изградбата на оваа фабрика беше најавена во март годинава, и денес е трета инвестиција во штипската индустриска зона.
„Таа инвестиција за нас значи нови работни места овде во Штип, значи извоз на нови производи кои досега со таква технологија не се произведувале во Република Македонија. Таа инвестиција за нас значи трансфер на знаење и технологија, со која што ќе се овозможи и македонските стручни лица и компании да имаат бенефит, бидејќи ќе можат јасно да видат како еден иновативен пристап и повисока технологија може да донесе успех на една компанија и добри извозни резултати“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
„Кондево ќе се обезбеди професионално вработување на стручен кадар за околу 280 луѓе меѓу кои инжинери, технички работници и менаџери што ќе бидат потребни за управување на софистицирана машинерија и производствените линии“, нагласи министерот за привлекување странски инвестиции, Џери Наумоф.
Се очекува фабриката да почне со работа најдоцна до јули идната година. Освен што инвестира во производството, компанијата најавува програми за стипендирање на младите, а ќе ангажира и приправници. Исто така, најавена е и соработка со Штипскиот универзитет.
Со порастот на странските инвестиции, како што рече претседателот на Владата, со помош на кои се отворија нови работни места, невработеноста се намалила од 38 на 26,8 проценти и претставува најнизок рекорд од осамостојувањето на земјата.
Анита Димитријевска
