Петта победа за Шкендија

14.09.2015 21:46

Долгиот пат на Работнички во Европа и состојбата на алтернативните терени на коишто игра Шкендија, влијаат на тоа во оваа фаза од фудбалската сезона кај нас да има повеќе прволигашки термини од вообичаено...

Шкендија – Ренова 3-1 во завршниот натпревар од шестото коло во Првата македонска фудбалска лига. Долгиот пат на Работнички во Европа и состојбата на алтернативните терени на коишто игра Шкендија, влијаат на тоа во оваа фаза од фудбалската сезона кај нас да има повеќе прволигашки термини од вообичаено.

Тетовското фудбалско дерби на стадионот Чаир во Скопје почна со голот на Алими во 5-тата минута за 1-0 за Шкендија. Хасани во 43-тата од пенал стрелаше за сигурна предност на фаворитот на пауза. Емини со удар од 11 метри ја врати неизвесноста по девет минути игра во второто полувреме, но Жуниор во 72-та го постави конечниот резултат и ја потврди 13-тата победа на Шкендија во 28-та меѓусебна пресметка со Ренова. На вчерашните натпревари од шестото коло во Првата лига, Вардар го совлада Турново со 5-1, Царев Двор триумфираше над Силекс со 3-1, Шкупи и Работнички одиграа нерешено 1-1, а Металург загуби на свој терен од Брегалница со 3-0.

Шкендија се врати на еден бод негатива во однос на Вардар. Шампионот има 16, Шкендија е втора со 15 бода, а Силекс се уште котира високо иако ги загуби последните два меча. Кратовци се трети со 10 бода, еден повеќе во однос на Царев Двор. Шкупи собра осум, а Работнички седум. „Дебармаалци“ в четврток ќе го одиграат заостанатиот натпревар со Ренова, а потоа ќе треба да ја одработат и средбата со Царев двор. Брегалница има шест, Турново пет бода, а Ренова и Металург по еден.