Европските и американските експерти за миграција апелираат за солидарност

15.09.2015 10:45

Европа се соочува со најголемата бегалска криза по Втората Светска Војна. И покрај планот на Европската комисија за распределба на бегалците во сите 28 земји членки на Унијата, најголем товар е оставен на Германија. Европските и американските експерти за миграција апелираат до светот да покаже солидарност и да преземе дел од белгалците од Сирија, Ирак, Авганистан и други конфликти…

Бегалската криза во Југоисточна Европа, Грција, Италија, Унгарија и земјите од Западниот Балкан, се должи на конфликтот на Блискиот Исток, но и на можноста за бегалците да пристигнат во побогати држави. Германија, Австрија, Словачка воведоа гранична контрола за бегалците да се справат со бранот бегалци од Сирија, Ирак, Авганистан на своите граници. Само за еден ден во Минхен, Германија пристигнале 40 илјади бегалци од Сирија.

„Граничната контрола не е воведена за да се избегнат нови бегалци. Мислам дека германската влада јасно кажа дека нема да запрат да земаат бегалци, туку тоа да ќе го прават на поорганизиран начин. Гледајќи го бранот бегалци што пристигнува во Германија и не запира, навистина имаме проблем со справувањето“, изјави Филип Акерман, заменик амбасадор на СР Германија во САД.

И покрај планот на Европската Комисија за распределба на бегалците во сите земји членки на Унијата, само во 6 од нив се отворени прифатни центри. Европските експерти посочуваат дека товарот со бегалската криза не треба да го сноси само ЕУ, туку и Русија, Кина и САД. Официјален Вашингтон соопшти дека ќе прифати 10 илјади бегалци од Сирија.

„Германија навистина презеде одговорност за примање на бегалците на достоен начин, додека Соединетите Американски Држави имаат уште многу работа. Искрено, примање на 10 илјади бегалци од почетокот на идната година не е ништо во однос што САД го направија во останатите бегалски кризи. Тоа е само малку што оваа земја може и треба да го направи“, вели Александар Алејников, поранешен заменик комесар за бегалци на ОН.

Бегалската криза ја дестабилизира Европа. Неколку европски полиции веќе открија терористи од ИДИЛ меѓу бегалците.

Европските и американските експерти оценуваат дека во Европа не се сите бегалци. 38 проценти од бегалците во Германија се луѓе коишто бараат азил од економски причини.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ