ЕУ: Министрите без договор за планот на Јункер
Министрите на вчерашниот вонреден состанок постигнаа согласност за планот за прифаќање на бегалците што го предложи претседателот на Европската Комисија, Јункер...

Нема договор за бегалците како што сакавме, изјави вчера вечер европскиот комесар за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос по состанокот на министрите за правда и внатрашни работи на земјите- членки на Европската Унија.
Министрите на вчерашниот вонреден состанок постигнаа согласност за планот за прифаќање на бегалците што го предложи претседателот на Европската Комисија, Јункер.
Изразија начелна, но не и формална согласност нивните земји да го прифатат поголемиот дел од вкупно 160 илјади бегалци од Африка и Блискиот исток во зависност од своите капацитети, но ги одбија обврзувачките квоти што комисијата се обиде да ги наметне.
Унгарија од полноќ применува нови закони и не дозволува влез во земјата преку зелената линија. Од изутрината е затворен и преминот Хоргош 2. Мигрантите ќе мора да ги користат премините Хоргош и Келебија каде што има пунктови за регистрација.
„Ние го затвораме зелениот појас на границата за да го запреме незаконското преминување. Тоа значи дека официјалните, легалните патишта за влез во Унгарија и со тоа во Европската унија остануваат отворени. Само тоа го бараме од сите мигранти. Тие мора да го почитуваат меѓународното право, Шенген протоколот, и треба да дојдат на официјалните гранични премини“, изјави Золтан Ковач, портпарол на унгарската влада.
