Иванов: Иднината на регионот е во ЕУ и НАТО
Претседателот Ѓорге Иванов e во дводневна официјална посета на Црна Гора. На средбата со неговиот домаќин Филип Вујановиќ во Цетиње, потврдени одличните односи меѓу двете држави. Теми на разговор со официјалните црногорски претставници и економската соработка, заемната поддршка и искуствата во евроинтеграциите...

Македонија и Црна Гора е потребно да ја добијат заслужената покана за членство во НАТО, која би била во интерес на регионалната стабилност и безбедност, но и за самата алијанса. Ова е заклучокот на средбата на Македонскиот и црногорскиот претседател Иванов и Вујановиќ.
Заклучок го темелат на достигнувањата што досега се направени на ова поле. Секој прогрес во земјите од регионот се смета за заеднички успех, констатираа Иванов и Вујановиќ.
Република Македонија незаслужно и спротивно на меѓународното право е блокирана во ЕУ иако сме земја-кандидат веќе 10 години. Блокирани сме во НАТО и покрај 16-те МАП, и покрај учеството во мировните мисии, како и хашката пресуда, рече претседателот Иванов.
„Свесни сме дека ЕУ е соочена со сериозни предизвици поради состојбите во еврозоната, источното партнерство, мигрантската криза. Свесни сме дека Унијата се соочува со криза во лидерството, визиите, единството, солидарноста. Сепак, покрај сето тоа очекуваме дека проширувањето е најуспешната политика на Унијата. Таа политика очекуваме да продолжи и да се забрза. Само на тој начин ЕУ може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува“, изјави претседателот Иванов на заедничката прес- конференција.
„Многу сме заинтересирани да се деблокира процесот на НАТО-интеграците на Македонија. Таа блокада која е последица од спорот со Грција трае многу долго. Ние во сите билатерални и мултилатерални активности истакнувавме дека тој процес треба да се деблокира и Македонија да го заврши она што требаше да го заврши во 2008 година во Букурешт и да добие покана“, истакна претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.
Двајцата претседатели на тет-атет средбата разговарале и за зајакнување на економската соработка. Станало збор за поврзување на јадранско-јонската магистрала, со коридорите 8 и 10 преку кои Македонија инфраструктурно би се поврзала со земјите од Јадранот.
Претседателот Вујановиќ истакна дека соработката ќе биде со фокус на зголемување на трговската размена, заемно зголемување на инвестициите како и во авио сообраќајотм, туризмот и земјоделието. Претседателите разговарале и за актуелните предизвици на мигрантската криза.
Претседателот Иванов утре во Подгорица ќе учествува на бизнис форум каде што ќе бидат презентирани инвестициските можности и поволната македонска бизнис клима.
Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Црна Гора за МРТ
