Драматично на Унгарско– српската граница, илегалното минување е кривично дело

15.09.2015 16:09

Во Унгарија од полноќ стапи во сила Законот со кој се предвидува контрола на границата и закана од затворска казни за илегално минување на границата...

Со војска, полиција, ограда и затварање на воздушниот простор долж границата со Србија, во Унгарија од полноќ стапи во сила законот со кој се предвидува контрола на границата и закана од затворска казна од три до пет години за илегално минување. Прогласена е и кризна состојба долж границата која е физички блокирана. 60 бегалци се приведени откако ја исекле оградата. На српската страна веќе има илјада луѓе но бројката расте од час во час. Дел од нив почнаа штрајк со глад. Направен е импровизиран камп крај преминот Хоргош, кој со Келебија ќе бидат единствените премини за влез во Унгарија. Но, и тие периодично се затвараат. Емигрантите мораат да се регистрираат, но проблем се оние што не сакаат тоа да го направат. Официјален Белград почна да испраќа сигнали на револт од состојбата.

„Унгарската влада без најава го затвори Хоргош. Мигрантите доаѓаат од сите страни и ги има над 1.000 и состојбата лесно може да излезе од контрола“, изјави Александар Вулин-Министер за и труд и социјална политика.

Доплнителен проблем се јавува со оние бегалци кои ќе преминат во Унгарија, а ќе бидат вратени во Србија.

„Ние нема да примаме бегалци кои Унгарија ќе ги врати, дури и по цена војската да ја поставиме на границата. Србија има договор за реадмисија, според меѓународното право со која се врши утврдување на земјата на потеклото и државјанството. Доколку ги вратат, ќе мораат да ги вратат во Грција. Тоа е првата земја на ЕУ“, изјави Ненад Иванишевиќ-државен секретар во Министерството за труд и социјална политика.

На овој став возврати Будимпешта. Унгарија ќе ги одбие барателите на азил кои влегуваат од Србија, а кои претходно не побарале азил во оваа земја. Дека состојбата на границата е тешка, покажува податокот што само вчера границата ја преминале 9.400 емигранти.

Србија нема да ги затвори границите. Ќе изгради уште 4 пифатни кампа долж границата со Унгарија, како и во Белград. Засега емигрантите во Белград се наоѓаат во парковите крај автобуската станица. Нивниот број се зголемува, а со тоа и неизвесноста за нивниот натамошен пат во Западна Европа.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ