Со дообука до ново работно место
Со помош на проект на УСАИД, поддржан од Градот Скопје и Локалниот економско- социјален совет реализирана е обука за 15 кандидати за напредни ИТ вештини во 8 домашни компании. Од нив 14 веќе добиле понуда да бидат вработени. Проектот е одговор на барањата на компаниите од информатичкиот сектор да добијат едуциран кадар со дополнителни вештини, подготвен веднаш да се вклучи во работниот процес...

Бојан и Марина се млади вљубеници во информатичките науки, со желба да најдат работа преку надополнување на сопственото образование и едукација во најнапредните македонски ИТ фирми. „Во потрага за вработување сфатив дека потребите на домашните компании се веројатно поголеми од тоа што го добиваме како образование со завршување на факултетот“, вели Бојан, кој минал 7 месеци во интензивно дообразување и практична работа во селектирана компанија.
„Го видов проектот. Ми звучеше интересно и се пријавив. Ме одбраа и морам да признаам дека навистина многу научив и навистина ми помогна. Еве сега и јас се вработив по завршување на моите факултетски студии“, вели Бојан Ковачки, учесник во проектот.
„На крајот испадна навистина успешно. Со вложување повеќе труд и еве можам да се пофалам дека сум вработена“, додава Марина Таневска, учесник во проектот.
Големата динамика во развојот на технологиите бара од кандидатите за вработување да бидат што поспецијализирани, велат ИТ компаниите.
„Станува збор за вработување во област како што е информатичката технологија, која навистина може да повлече голем број вработувања во иднина во Македонија“, изјави Ирена Чаушевска, „Њу менс бизнис акцелератор“.
Со помош на проект на УСАИД,поддржан од Градот Скопје и локалниот економско-социјален совет е реализирана обука за 15 кандидати за напредни ИТ вештини во 8 селектирани домашни компании
„Цел на проектот е да им се помогне на фирмите од ИТ секторот со вработување едуциран кадар. 14 од 15-те учесници во проектот добија понуда за вработување што е 93 насто. Тоа е одличен резултат. Екстремна успешност во вакви услови“, изјави Џејмс Стајн, УСАИД Македонија.
Градските власти порачаа дека се подготвени да ги поддржат сите вакви проекти кои имаат за цел да помогнат во вработување на младите преку надополнување на нивното образование и едукација.
Свето Николовски
