Трошоците на државата се зголемуваат со приливот на илегални мигранти

15.09.2015 16:57

Со зголемувањето на интензитетот на бегалскиот бран, растат и трошоците на државава за справување со ситуацијата. Само полицијата на месечно ниво одвојува 800 илјади евра. Македонија на располагање ги стави сите ресурси, и човечки и материјални, за да одговори на бегалската криза и да ја обезбеди безбедноста на граѓаните...

800 илјади евра месечно троши Министерството за внатрешни работи како дополнителна сума откако во земјата има вонредна состојба со бегалската криза. Како министерство кое е одговорно за безбедноста на земјата и на граѓаните, велат, мораат да издвојат онолку средства колку што е потребно.

„Персоналните, односно човечките ресурси со кои располага МВР, понатаму финансиските ресурси, а се разбира и опремата со којашто располагаме“, вели помошникот министер за односи со јавност во МВР, Иво Котевски.

Освен Министерството за внатрешни работи, дополнителни средства периодов трошат и Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за одбрана и локалната самоуправа.

Трошоците на државата се зголемуваат со приливот на илегални мигранти кои влегуваат во земјава. Од министерствата велат дека е неблагодарно да се проценува колкава ќе биде дополнителната сума која ќе се троши во иднина, но на дневна основа ја следат ситуацијата и развојот на настаните и обезбедуваат ресурси.

На состанокот во Виена во август беше одлучено два милиони евра да бидат доделени на балканските земји за да се справат со бегалската криза. Тогаш министерите на Србија и на Македонија се изјаснија дека таа сума не е доволна, и дека овие земји трошат милионски суми дневно за справување со проблемот.

 

Катерина Топалова