Иванов- Вујановиќ: Иднината на регионот е во ЕУ и НАТО

15.09.2015 17:14

„Неправедно сме блокирани за влез во Европската унија и во НАТО – заслужената покана треба да стигне“- изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата со неговиот домаќин, црногорскиот шеф на државата Филип Вујановиќ. Според него, интеграцијата на земјите од Балканот е во интерес на регионалната стабилност и безбедност...

Македонија и  Црна Гора е потребно да ја добијат заслужената покана за членство во НАТО, која би била во интерес на регионалната стабилност и безбедност,  но и за самата алијанса. Ова е заклучокот на средбата на Македонскиот и црногорскиот претседател Иванов и Вујановиќ. Заклучок го темелат на достигнувањата што досега се направени на ова поле. Констатираа дека секој прогрес во земјите од регионот се смета за заеднички успех.  Република Македонија незаслужно и спротивно на меѓународното право е блокирана во ЕУ иако сме земја-кандидат веќе 10 години. Попречени во НАТО и покрај 16-те акциони планови за членство, учеството во мировните мисии, како и Хашката пресуда, која никој не ја почитува, рече претседателот Иванов. Унијата покрај соочувањето со  предизвиците во еврозоната, источното партнерство и мигрантската криза, со  проширувањето таа би била посилна, смета Иванов. 

„Свесни сме дека унијата се соочува со криза во лидерството, визиите, криза во единството и солидарноста во унијата. Сепак покрај сето тоа очекуваме дека проширувањето е најуспешната политика на унијата и таа политика очекуваме и да продолжи, и да се забрза. Само на тој начин ЕУ може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува“, истакна претседателот Иванов.

„Заинтересирами сме за деблокирањето на процесот за приклучувањето во НАТО на Македонија и како што кажа претседателот Иванов самата неправедна блокада која се случувапоради спорот со Грција во приклучувањето. Сметаме дека треба да се деблокира процесот којшто беше започнат во далечната 2008-ма во Букурешт и Македонија да ја добие својата покана.Целиот Западен Балкан треба да се вклучи во НАТО како би можеле да се подобрат економските односи и стабилноста во регионот“, рече претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.

На тет-а-тет средбата разговарано и за зајакнување на економската соработка. Станало збор за поврзување на Јадранско- јонската магистрала, со коридорите 8 и 10 преку кои Македонија инфраструктурно би се поврзала со земјите од Јадранот.

„Реално доколку не сме патно и реално поврзани не можеме да очекуваме ниту завидна економска соработка. За мене не постои дилема, само преку економска соработка можиме уште повече да ги зацврстиме нашите односи меѓу нашите две земји, но и пазарите и капиталот со другите држави од регионот“, изјави шефот на државата Иванов.

„Се разбира хендикепот меѓу двете држави е лошата патна мрежа и различните комуникации кои што постијат. Јас и претседателот Иванов секогаш потенцираме дека мораме да имаме и подобри воздушни врски меѓу двете држави“, додаде претседателот Вујановиќ.

Економската  соработка ќе биде со фокус на зголемување на трговската размена, взаемно зголемување на инвестициите, како и во авио сообраќајот, туризмот и земјоделието. На средбите со спикерот на црногорското собрание, Ранко Кривокапиќ, и со премиерот, Мило Ѓукановиќ, биле разменети мислења и информации за актуелните политичко-економски состојби во двете земји, евроатланските интеграции и за севкупната безбедносно- политички состојби во регионот, вклучувајќи ја и мигрантска криза. Поздравена и иницијативата за одржување заедничка владина седница.

Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Црна Гора за МРТ