Собранието го донесе Законот за специјалниот обвинител

15.09.2015 17:40

Со 111 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка...

Собранието на Република Македонија попладнево со 111 гласа „за“ го донесе Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по итна постапка.

Согласно предложениот закон за Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници во Парламентот, Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието, без објавување на јавен оглас, го избира Јавниот обвинител, со мандат од 4 години со право на повторен избор.

Собранието ќе го утврди кандидатот за Јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и ќе го поднесе до Советот на јавни обвинители на Република Македонија. Советот ќе го избере јавниот обвинител на седница на која се присутни најмалку две третини од вкупниот број членови.

Работните групи на политичките партии рано утрово се договорија Катица Јанева, обвинителка од Гевгелија, да биде специјален јавен обвинител.