Вучиќ во Вашингтон: Нема причина за паника поради бегалската криза
Нема причина за паника поради бегалската криза, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ по средбата со американскиот потпретседател Џо Бајден во Вашингтон...

Бегалската криза во Европа била една од темите на разговорот на српскиот премиер Александар Вучиќ со американскиот потпретседател Џо Бајден во Белата куќа. Вучиќ истакнал дека земјите од регионот им помагаат на бегалците од хуманитарни причини.
„Мислам дека САД тесно соработуваат со Европа и дека планираат да работат заедно со Германија, Австрија, Шведска и со други европски држави на спроведување на планот за нормализација на ситуацијата. Гледам една општа паника која постои во сите европски земји и кај дел од јавноста во Србија. Нема никакви причини за тоа. Сите имаме проблеми и се соочуваме со нив. Мислам дека на рационален начин и во атмосфера со покажување искрена солидарност, тие проблеми може да ги решиме. Не гледам дека тоа се страшни и нерешливи работи како што некои европски земји пробуваат да ги прикажат“, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ.
Посетата што од страна на српскиот премиер е оценета како најдобра досега. Американскиот потпреседател ги поздравил реформите во Србија, а било разговарано и за односите со Русија и енергетската независност. Вучиќ ги оценил односите со земјите од регионот како позитивни.
Ова е втора посета во последниве три месеци на српскиот премиер Александар Вучиќ на Соединетите Американски Држави.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
