Катица Јанева ја презеде должноста специјален јавен обвинител

16.09.2015 12:18

Денеска стојам пред вас сама, а за еден месец ќе ме видите со мојот тим позади мене како ќе ги преземеме случаите кои се во наша надлежност и ќе почнеме со работа, рече специјалниот јавен обвинител Катица Јанева по дадената свечена заклетва...

Новоизбраниот специјален обвинител Катица Јанева денеска даде свечена заклетва пред Советот на јавни обвинители, со што и формално ја презеде новата должност.

Им благодарам на сите политички и меѓународни фактори кои застанаа зад мојот избор за специјален јавен обвинител. Му благодарам и на Советот кој ме изгласа за специјален јавен обвинител. Денеска стојам пред вас сама, а за еден месец ќе ме видите со мојот тим позади мене како ќе ги преземеме случаите кои се во наша надлежност и ќе почнеме со работа, рече специјалниот јавен обвинител Катица Јанева по дадената свечена заклетва.

Во согласност со процедурата, шефот на државава Ѓорге Иванов го потпиша указот за назначување на Катица Јанева за специјален јавен обвинител, потврдија за МРТ од Кабинетот на претседателот.

Изборот на Јанева е договор на политичките партии. Овој предлог го утврди Собранието. Советот на јавни обвинителите доцна синоќа на предлог на Собранието едногласно ја избра Јанева за специјален јавен обвинител, со што се испочитува крајниот рок предвиден со договорот од Пржино.