Нова рута: Мигрантите преку Хрватска тргнаа кон Западна Европа
Полицијата се распоредува за да спречи нелегални движења. Бегалците кои пристигнуваат веднаш се пренесуваат во прифатен центар во близина на Загреб. Претставници на Црвен крст им помагаат бидејќи голем дел се во лоша здравствена состојба...
Нова рута на бегалците, откако Унгарија им ги затвори вратите. Илјадници луѓе кои чекаа на Српско-унгарската граница, ја сменија трасата на движење. Сега Хрватска се соочува со бранот бегалци. Од изутрината десетици автобуси се на граничниот премин кај Шид. Повеќето мигранти не ја минуваат границата на легалните премини, туку преку споредни патишта. Полицијата се распоредува за да спречи нелегални движења. Бегалците кои пристигнуваат веднаш се пренесуваат во прифатен центар во близина на Загреб. Претставници на Црвен крст им помагаат бидејќи голем дел се во лоша здравствена состојба.
„Цела ноќ дежуравме, бевме овде за да бидеме подготвени кога бегалците ќе почнат да доаѓаат на наша територија. Работиме координирано со полицијата. Има многу жени и деца на кои помошта им е најпотребна“, велат од хрватскиот Црвен крст.
Хрватската претседателка в петок ќе свика седница за национална безбедност .. Министерот за внатрешни работи Остоиќ, соопшти дека владата има подготвено вонреден план, доколку енормно се зголеми бројот на мигранти. Премиерот милановиќ потврди дека земјата е подготвена да се соочи со бранот бегалци.
„Ѕидовите кои се градат не само што нема да помогнат, туку праќаат и многу лоша политика. Ние сме спремни да прифатиме или да ги пренасочиме луѓето без разлика од која вера се“, изјави хрватскиот премиер Зоран Милановиќ.
Шенген зоната се помалку наликува на некогашниот проект. Од ноќеска и Австрија воведе гранична контрола на границата кон Италија, Словачка и Унгарија. Австриската министерка за внатрешни работи Јохана Лајтнер ја информирала и Европската комисија. Светска банка изрази подготвеност финансиски да помогне во справување со кризата, но очекува прво Европската унија да направи стратегија за решавање на кризата.
Марија Петковска