Годинава 17 македонски дела ќе бидат преведени на 17 странски јазици
Македонија има квалитетни автори и со новиот конкурс на Mинистерството за култура им се отвораат вратите за светска афирмација и можност да дојдат до читателската публика низ светот...

Годинава 17 дела на македонски автори ќе бидат преведени на 17 странски јазици во рамки на Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странски издавачки куќи. Македонија има квалитетни автори и со новиот конкурс на Mинистерството за култура им се отвораат вратите за светска афирмација и можност да дојдат до читателската публика низ светот.
„Министерството за култура успеа преку овој модел на поддршка да обезбеди соодветен и достоинствен третман на нашите автори кај странските издавачки куќи, ефективна промоција на нашето творештво, но и на нашата држава во меѓународен контекст.Ова е еден од најпродуктивните проекти кои досега се реализирани во литературната дејност кај нас“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
Нове Цветаноски, претседател на стручната комисија која одлучуваше по конкурсот потенцира дека македонската литература освојува нови простори и нови јазици.
„Благодарение на овој конкурс добиваат можност за афирамција веќе познати македонски писатели и писатели од помладата генерација“, рече Цветаноски.
Досега се поддржани вкупно 47 дела, од кои 17 оваа година, а 30 минатата.
