Во Македонија не е увезено спорното пилешко од Хрватска
Според официјалните податоци од Информативниот систем на граничната ветеринарна инспекција при Агенција за храна и ветеринарство, во Република Македонија од хрватската месна индустрија „Месфино“ од Чазма, од почетокот на годинава заклучно со вчерашниот ден не е извршен увоз на пилешко месо...

Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна на ЕУ откако вчера од хрватските маркети беше повлечено од промет замрзнато пилешко месо. Хрватското министерство за земјоделство ги извести потрошувачите дека по добиената нотификација преку RASSF системот овој производ како небезбеден го повлекува од хрватскиот пазар поради утврдено присуство на бактеријата салмонела.
Производот е Ледо замрзнато мелено пилешко месо во пакување од половина килограм, со рок на употреба до 09.07.2016 година. Станува збор за производ на хрватската компанија „Месфино“ чиј дистрибутер е компанијата „Ледо“.
Според официјалните податоци од Информативниот систем на граничната ветеринарна инспекција при Агенција за храна и ветеринарство, во Република Македонија од хрватската месна индустрија „Месфино“ од Чазма, од почетокот на годинава заклучно со вчерашниот ден не е извршен увоз на пилешко месо.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека европскиот систем навреме ги предупредува земјите и околку има потреба се реагира преку преземање на потребните мерки за безбедност.
