Специјалната обвинителка ја презеде должноста
Шефот на државава Ѓорге Иванов го потпиша указот за назначување на Катица Јанева за специјален јавен обвинител. Изборот на Јанева е договор на политичките партии, а овој предлог го утврди Собранието...

Даде свечена изјава пред Советот на јавните обвинители и официјално ја презеде должноста специјален обвинител. Катица Јанева им се заблагодари на сите политички и меѓународни фактори што застанале зад нејзиниот избор како и на поддршката од колегите и вети дека набрзо ќе ја видиме со тимот со кој ќе постапува по случаите.
„Денеска стојам пред вас сама, а за еден месец ќе ме видите со мојот тим позади мене како ќе ги преземеме случаите кои се во наша надлежност и ќе почнеме со работа“, рече специјалниот јавен обвинител Катица Јанева по дадената свечена заклетва.
На предлог на собранието , советот на јавни обвинителите доцна синоќа едногласно ја избра јанева за специјален јавен обвинител. Нејзините колеги имаат целосна доверба дека таа ќе се носи успешно со предизвикот.
„Прво сме задоволни што од редот на јавните обвинители е избран специјален обвиниел, а имам и навистина целосна доверба во колешката Катица, дека својата функција ќе ја извршува чесно и квалитетно, онака како што се очекува“, смета Момир Маричиќ, член на Советот на јавни обвинители.
„Основното јавно обвинителство во Гевгелија беше со проширена надлежност. Тоа е гранично подрчје со разни криумчарења на мигранти, шверц на дрога и слично, така што таа како обвинител во тоа обвиниелство успешно работеше“, рече Драгољуб Цакиќ, член на Советот на јавни обвинители.
Јанева ќе има задача да ги гони кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите.
Специјалната обвинителка доаѓа на новата должност од местото обвинител во Основното јавно обвинителство Гевгелија, каде што работеше од 2003-таа година.
Учествувала во повеќе проекти надвор од Македонија за борба против организиран криминал и корупција. Работи и како предавач на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.
Фиљана Кока
