Јолевски: Македонски придонес во одбраната на ЕУ

16.09.2015 15:14

Македонската армија е подготвена да одговори на предизвиците и е компатибилна со армиите на Унијата, изјавил министерот за одбрана Јолевски...

Зајакнувањето на соработката со Европската унија на одбранбено поле е од добробит за Македонија и комплементарен чекор за унапредување на заедничката оперативност исто како и со НАТО, нагласил министерот за одбрана Зорен Јолевски на средбата со извршниот директор на Европската одбранбена агенција- ЕДА, Хорхе Домек во Брисел.

Македонската армија е подготвена да одговори на предизвиците и е компатибилна со армиите на Унијата, изјавил Јолевски. Извршниот директор Домек на средбата изразил задоволство од заложбата на Македонија да и се приклучи на Европската одбранбена агенција со што за нашата Армија се отвора можноста за осовременување, за унапредена информатичка безбедност, како и соработка во меѓународните операции предводени од Агенцијата.

Јолевски и министерот за надворешни Никола Попоски денеска во Брисел пред амбасадорите на НАТО ќе претстават уште еден акциски план за членство на земјава. Македонија официјално барање за прием до Алијансата испрати пред 16 години.