Македонско- црногорски бизнис форум за унапредување на соработката
Втор ден од официјалната посета на претседателот Ѓорге Иванов на Црна Гора. Денеска Иванов заедно со неговиот домаќин Филип Вујановиќ учествуваа на бизнис форум во Подгорица. Пред претставници на околу 45 компании од двете земји беа презентирани можностите за инвестирање во земјава...

Поволната македонска бизнис клима презентирана пред 40-тина црногорски компании на Македонско-црногорскиот Бизнис форум во Подгорица. Голем интерес за соработка во туризмот и во земјоделството. Очекувањата на бизнис заедниците се што поскоро отстранување на и бариерата со патната инфраструктура. Претседателите Иванов и Вујановиќ искажаа неопходност што поскоро да биде завршена Јадранско- јонската магистрала и со поврзувањето на коридорите 8 и 10, за олеснување на комуникацијата.
„Ако Македонија и Црна Гора можат да имаат заеднички амбасади, тогаш зошто македонските и црногорските компании да немаат заеднички настапи на трети пазари? Заедно можеме да бидеме и поконкурентни и попривлечни на европскиот и глобалниот пазар. Овој форум е можност да се запознаете и ја да развиете соработката во оваа насока“, изјави претседателот Иванов.
Македонската и црногорската економија се компатибилни и фокусирани на градежништвото, туризмот, прехрамбената индустрија.
„Економиите ни се многу блиски, компатибилни и подготвени да го зголемат нивото на соработка, што е основен недостиг. Кој објективно ја лимитира нашата соработка? Мислам дека тоа е лошата инфраструктура во патниот сообраќај, отсуството на воздушниот сообраќај и немањето авиолинија“, изјави црногорскиот претседател, Филип Вујановиќ.
На бизнис форумот покрај црногорски и македонски бизнисмени имаше и странски инвеститори кои инвестираат во Црна Гора.
„Посебно во делот на турзимот и туристичките развојни зони кои ги нудиме во Македонија, како на пример компанијата АМАН-груп со која имавме состаноци денеска. Тие може да ги разгледаат можностите да инвестираат во изградба на некој луксузен хотел или ресорт во Македонија“, изјави министерот Бил Павлески.
Македонските земјоделски производи добредојдени на црногорскиот пазар.
„Македонија со своите замјоделски и други потенцијали секако има голема можност. Во Црна Гора која годишно увезува речиси половина милијарда евра храна има простор за многу поголем пласман на македонските квалитетни производи, а исто така, и ние во Црна Гора имаме можност да земеме учество во тој голем туристички пазар во Македонија“, вели Жељко Видаковиќ, потпретседател на Унијата на работодавачи на Црна Гора.
Присутни на форумот и од Бизнис конфедерацијата на Македонија.
„Воспоставуваме и ги одржуваме и ги продлабочуваме, и социјалните и економските, меѓутоа и културните и политичките односи помеѓу двете земји“, изјави Миле Бошков – претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Трговската размена на Македонија и Црна Гора на годишно ниво изнесува 30 милиони евра. Првите 6 месеци годинава таа е 12 милиони долари. Македонија има суфицит во трговската размена со Црна Гора. Од независноста, Македонија во Црна Гора вложила 9 и пол милиони евра.
Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Подгорица за МРТ
