Проекти: Инвестиции во здравството и социјалата
Некои ја искористиле со успех, некои очекуваат добри резултати од новата лабораторија за ин-витро фертилизација на Клиниката за гинекологија. За повозрасните со ниски примања, ќе се гради нов дом...

Стотици граѓани досега ја користеле лабораторијата за ин- витро фертилизација и замрзнување на полови клетки и ембриони, на Клиниката за гинекологија. Кај дел од нив имало успех, други го очекуваат. Во овој проект се вложени околу 15 милиони денари.
„Таа веќе се користи и дава добри резултати. Лекарите објаснија како ја користат, кои се начините на користење и сите бенефити од неа. Се радувам што она што го замислувавме, она што го ветувавме претходно на изборите и во нашата програма сега веќе се користи, ставено е во употреба и стотици, стотици граѓани веќе го користат“, изјави премиерот Никола Груевски.
При посета на Клиниката за гинекологија, премиерот Груевски рече дека се вршат подготовки за изградба на нов дом за стари лица. Во него ќе се згрижуваат лица кои имаат ниски пензии, немаат имот и не можат да бидат прифатени во приватните домови. Планирано е изградбата да започне во втората половина на 2016 година. Инвестицијата чини околу еден милон евра.
„Нашата одлука е во правец да почнеме градба на нов старски дом прво во Скопје, а потоа и во другите градови кои што ќе ги згрижуваат лицата кои што имаат толку ниски пензии немаат имот да не може да бидат прифатени во приватните старски домови. Тука ќе бидеме многу внимателни затоа што сакаме да се развие и приватниот секор кој веќе доста се развива“, вели премиерот Груевски.
Во изминативе неколку години во земјава отворени се 17 домови за стари лица, кои згрижуваат околу 600 лица. Во Скопје во државните домови капацитетот е исполнет од 558, со новиот дом планирано е тој да се удвои.
Андријана Атанасовска
