Поддршката за промоција на саемите дава резултати
Над 20 милиони евра ќариле винарниците од склучените договори за време на саемите. Со владина поддршка, го промовирале својот производ, дел обезбедиле и нови пазари. За три години, милион и пол евра од државната каса- директна поддршка за 80- тина производители за настап на реномирани саемски манифестации...

Државната поддршка за национална промоција на македонското земјоделско производство на најреномираните саеми во светот дава резултати- велат од владата . Според портпаролот Ѓорѓиев со 100% покривање на закупот на саемот и дизајнирање на национален штанд, во последните две години 80 компании реализирале зделки со странски компании за пласман на производи во вредност од над 20 милиони евра.
Со промоцијата се овозможува пробив на квалитетното флаширано македонско вино, и свежото овошје и зеленчук, вели Ѓорѓиев. Само во последниве 3 години за оваа поддршка биле издвоени 1,5 милиони евра.
Годинава македонските земјоделски компании ги посетија саемите за свежо овошје и зеленчук „Фруитлогистика“ во Берлин, и во Варшава, а македонските винарии се претставија на саемите за пијалоци и вино во Москва и во Дизледорф.
„Во досегашниот период оваа поддршка ја финансираме со околу 1,5 милиони евра. Истата дава навистина позитивни резултати, особено ако се земат во предвид дека зделките кои компаниите ги склучиле за време на саемите се во вредност од над 20 милиони евра“, изјави владиниот порпарол Александар Ѓорѓиев.
Со државна помош се промовирани 15 македонски винарии, 35 производители на свежо овошје и зеленчук и 30 преработувачи. Од Владата информираат сите заинтересирани компании кои поседуваат реален извозен потенцијал од оваа област да се обратат во Министерството за земјоделство.
До крајот на годинава е предвидено со владината поддршка македонските компании да учествуваат и на саемските манифестации во Шангај, Келн како и на промотивни настани за македонското вино во Холандија, Данска, Англија и САД.
Дијана Ценевска
