Ставрески: Намалувањето на невработеноста- најдобриот резултат на владата во 9 години

16.09.2015 17:07

Владата оствари најдобар резултат намалувајќи ја невработеноста на 26,8 насто, а до 2018 ќе биде под 22 проценти, нагласи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Прилеп каде потпиша договор за грант од Светска банка и на бизнисмените им порача стабилна политичка и бизнис клима...

Стабилна политичка ситуација, поголема предвидливост за бизнисмените исти, стабилни, добри и атрактивни услови за работење во следниот период, им порача минстерот и вицепремиер Зоран Ставрески на прилепските бизнисмени на средбата со нив, ветувајќи им ја поддршкатаза евтините кредити, за вработување преку проектот „Македонија вработува“.  Најголемиот резултат во 9-те години владата го постигна со намалувањето на стапката на невработеност од 38 на 26,8 насто.

„Намалувањето на невработеноста од 38 на 26, 8 проценти што значи за една третина е намалена невработеноста во Република Македонија, е најдобриот резултат на владата во последниве 9 години и е резултат на макотрпна работа каде што се спроведени бројни реформи. Со крајна цел, до крајот на 2017-та и почетокот на 2018-та невработеноста да биде под 22 проценти“, рече Ставрески.

Им се трасира патот на бизнисмените во првата прилепска индустриска зона. Градот доби грант од 8,5 милиона денари од Светска банка за да ја доуреди зоната  во која веќе 7 од 21 капацитет се градат.

„Моментално се асфалтираат улиците. Ова ќе придонесе побрзо асфалтирање на тие улици, со цел да им овозможиме на сите инвеститори кои купија плацеви во индустриската зона да забрзаат со градењето на своите објекти“, рече градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

Со 42 милиона евра од европската банка за обнова и развој во ноември почнува изградвбата на патот Дреново- Плетвар, најлошиот дел кај клисурата со по две ленти во двата правци. Тоа ќе ја подобри бизнис и релацијата на граѓаните од регионот.

Ставрески ја посети компанијата Комги ангел каде посотојано има инвестиции, а денеска во Прилеп е и караванот „Купи куќа-купи стан“.

Елизабета Митреска