Македонија во жолта алертна фаза, граѓаните да ги почитуваат препораките
Граѓаните од цела држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за населението за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност...

Во текот на денот со топлотен бран од жолта (алертна) фаза ќе биде зафатена територијата на цела Македонија, односно со температури до 35 степени Целзиусови, кои ја дефинираат жолтата (алертна) фаза, соопшти Министерството за здравство согласно најавата од Метео-алармот на Управата за хидро-метеоролошки работи.
Граѓаните од цела држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за населението за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Поради високите темеператури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, потребно е темелно миење на овошјето и зеленчукот пред нивната употреба, добра термичка подготовка на храната, задолжително чување храна во фрижидер на + 8 степени, како и избегнување консумација на лесно расипливи производи.
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала облачност во планинските региони и со слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се движи од 10 до 17, а дневната од 29 до 35 степени. УВ-индексот до сабота ќе има вредност 6.
Во Скопје времето ќе биде сончево и доста топла со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 15, а дневната ќе се искачи до 33 степени.
Во деновите на викендот полека температурата ќе опаѓа, а веќе од недела попладне со зголемена облачност ќе имаме и врнежи од дожд и појава на нестабилност со ретки грмежи претежно на југот од земјата. Повремени врнежи ќе има и во ноќта кон понеделник и во текот на денот.