Избори во САД: Аутсајдери во трка за републиканска номинација

17.09.2015 09:13

Аутсајдери водат во трката за претседателски кандидат на Републиканската партија. Последната втора републиканска дебата ќе покаже кои од 15-те кандидати ќе останат кандидати. Неизвесно е и кај Демократската партија. Последната анкета го исфрли сенаторот Берни Сандерс пред Хилари Клинтон...

Милијардерот Доналд Трамп и пензионираниот неврохирург Бен Карсон водат во трката за претседателски кандидат на Републиканската партија. Со изјавата дека сите илегалци треба да се протераат од земјата и да се изгради ѕид кон Мексико, Трамп го предизвика гневот на Латиноамериканците.

„Луѓе мораме да го изградиме ѕидот. Мора да го изградиме и ѕидот функционира“, изјави Доналд Трамп.

Трамп ја намалува шансата следниот американски претседател да биде од редовите на Републиканската партија, па на втората републиканска дебата беше нападнат за своите изјави и навреди кон другите кандидати. Неврохигургот Карсон и останатите кандидати Републиканци како поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш по оваа дебата очекуваат да видат каков рејтинг имаат и дали ќе ја продолжат изборната трка.

„Она на што треба да обрнеме внимание е како да го користиме мозокот што ни го дал Господ, да препознаеме кога работите не функционираат и кога функционираат, и да ги поправиме проблемите“, рече Бен Карсон.

Поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и покрај аферата со е- мејловите останува меѓу посериозните кандидати на Демократската партија заедно со сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс. Економијата е главен осврт на демократските кандидати.

„Тоа е во прашање на овие избори. Дали нашата земја ќе продолжи да оди кон можности и просперитет за сите, или дали Републиканците ќе добијат уште една шанса да го уништат прогресот за коишто работевме многу напорно да го постигнеме“, смета Хилари Клинтон.

„Ова е проста вистина. Во Америка имаме милиони луѓе коишто работат напорно но не заработуваат доволно за да стават леб на маса и да се погрижат за нивните деца. Тоа мора да запре“, вели Берни Сандерс.

Мнозинството Американци засега не се заинтересирани да гласаат на изборите во 2016-та.

Според последните анкети на јавното мислење, неопределените Американци не им веруваат на претседателските кандидати коишто некогаш биле во политиката.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ