Хаос на Унгарско- српската граница, и Словенија го суспендира Шенген
Првите возови со мигранти пристигнуваат во Хрватска. 5.400 бегалци веќе влегле во земјата. Црвениот крст им обезбедува првична помош, по што ќе бидат упатени во бегалските центри. Ноќеска и Словенија го суспендираше шенгенот и воведе гранични контроли. На границата со Србија, унгарската полиција употреби солзавец и спрејови против изнемоштените и разгневени бегалци кои фрлаа камења врз полицајците...

Се заоструваат односите на Унгарија со соседите, но и со Европската Унија поради начинот на кој се справува со бегалците. Будимпешта упати нота до Србија со барање да спречи вооружени мигранти да ја поминат границата кај Хоргош.
И Белград возврати на ист начин поради испукување патрони солзавец на српска територија. И Романија му врачи протест на унгарскиот амбасадор поради планот да се изгради ограда на границата.
Унгарија најавува ѕид и на дел од границата со Хрватска. Тензиите се случуваат по вчерашните жестоки судири кога група мигранти се обиде да ја пробие бодликавата жица, на што унгарската полиција возврати со солзавец и водни топови. Среде хаосот беа повредени мигранти, но и екипата на Српската Радио Телевизија.
„Одеднаш почна стампедо. Унгарската полиција тргна кон нас, поточно кон бегалците бидејќи ние стоевме понастрана, а потоа и кон нас. Почнав да викам дека сме новинари. Држевме и опрема во рацете и не бевме единствените, бевме дел од поголема група новинари“, вели Јована Ѓуровиќ, новинарка на РТС.
„Без оглед на чија територија се случиле, особено ги осудувам нападите врз новинарите, особено на новинарите на Радио Телевизија Србија. Во една земја се гордеат со новинари кои сопнуваат татковци со деца, а напаѓаат новинари што си ја работат работата“, изјави Александар Вучиќ, премиер на Србија.
Унгарија тврди дека на Хоргош е приведен „идентификуван терорист“, не наведувајќи дополнителни детали. Од камењата и шишињата што ги фрлале бегалците повредени се 20 полицајци.
Генералниот секретар на ОН изрази шокираност од начинот на кој унгарската полиција се справува со мигрантите. Германија, пак, ја откажа унгарската нарачка на бодликава жица, по што Будимпешта најави дека ќе ја купи од Кина.
Ивана Салтировска
