18 загинати во поплавите во Јута
Најтешко беше погоден градот Хилдејл, каде што меѓу загинатите се и наредник на полицијата кој со сопругата и уште две лица пешачеле низ националниот парк – ги збришала водата што надошла низ тесен кањон...

Драматични снимки од поплавите што ја зафатија американската сојузна држава Јута, на границата со Аризона. Надојдената вода одвлече две возила во кои имало три жени и 13 деца. Ги заробила вода што надоаѓала од повеќе правци и ги повлекла низводно. Се спасиле само три, уште едно е исчезнато.
Црниот биланс се искачи на 18 удавени и поголем број исчезнати. Најтешко беше погоден градот Хилдејл, каде што меѓу загинатите се и наредник на полицијата кој со сопругата и уште две лица пешачеле низ националниот парк – ги збришала водата што надошла низ тесен кањон.
„За 5 минути силниот дожд направи хаос каков што немам видено“, изјави Коди Селф, планинар.
„Ова беше како најлош кошмар. Буквално, штом почна да врне, луѓето се исплашија од можни поплави. Беше неверојатно, дојде во неколку различни бранови“, изјави Али Балтрус, ренџер во паркот Зајон.
Метеоролошката служба на време предупредила на опасност, но се стравува дека бројот на загинати може да се зголеми. Областа е населена со групи отцепени од мормонската црква со рурален стил на живеење и властите стравуваат дека веста не дошла до нив. Религиозните жители веруваат дека поплавата е божја волја, но властите ја продолжуваат потрагата со механизација.
Поплавите не се реткост во тој дел од САД, но количеството дожд што паднало е невидено во изминатите 100 години, велат метеоролозите. Водата се слевала низ карпите, влечејќи песок и камења, од што се создала кал која се истурила во градот, предизвикувајќи хаос. Поплавите го зафатија и Колорадо Сити во Аризона, каде што исто така има загинати.
Ивана Салтировска
