Иванов: Грчката блокада го дестабилизира регионот
Блокадата од Грција го дестабилизира регионот, и тероризмот не се решава со бирократски постапки. Ова го изјави шефот на македонската држава Ѓорге Иванов во обраќањето на НАТО конференцијата на Јадранската група што се одржува во Охрид. За ова треба да се развие превентивен механизам, соработка и комуникација меѓу државите, особено од Јадранската група која треба да се интегрира во НАТО и во ЕУ, изјави Иванов...

Онаму каде што потфрли НАТО, не потфрли Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди дека грчката блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземените обврски. Ова отворајќи ја конференцијата на членките на А-5 иницијативата го рече претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, при што посочи дека блокирањето на Македонија е школски пример како не треба да се гради безбедноста во регионот.
„Ако досега прашањето за покана на Република Македонија во НАТО беше чисто политичко прашање, сега веќе е и безбедносно прашање. Со секое понатамошно нелегално блокирање на нашето заслужено членство во НАТО се врши сериозно блокирање на колективните интереси и на темелните принципи на Алијансата“, нагласи претседателот Иванов.
Учеството во заеднички мисии на членките на А-5 иницијативата се потврда на заедничката визија за обединета Европа.
„Меѓутоа уште работа ни претстои, вратите на НАТО остануваат отворени. Опкружувањето сега е можеби уште покомплексно и уште поголем предизвик отколку што беше во 2003-тата“, изјави адмирал Марк Фергусон, командант на сојузничката команда на НАТО во Неапол и претставник на САД.
Мигрантската криза покажа дека Балканот е клучен коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток. Македонија засега добро се справува со овој глобален проблем, но кризата ја тестира и принципиелноста на Европа.
„Согласно долуката на Врховниот командант АРМ распредели дел од своите единици за абх и логистика, се со цел да бидат во испомош на граничната полиција, на МВР, за да се канализира протокот на мигрантите, да се овозможи побрз транспорт низ Република Македонија“, изјави генерал- потполковник Методија Величковски, началник на ГШ на АРМ.
Глобалната закана од насилен екстремизам и странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури,туку со менаџирање на заканата. Поради тоа, како што беше речено е потребен единствен и координиран одговор на предизвиците и заканите.
Сашо Нелоски
