Политичкиот дијалог да се решава системски низ институциите

17.09.2015 14:32

Политички дијалог мора да постои, но да се решава системски низ институциите во земјава. Бојкотот не е решение- заклучија учесниците на денешната дебата организирана од германскиот „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија...

Истражувањата покажуваат дека граѓаните го поддржуваат политичкиот дијалог, но се уште соработката меѓу политичките партии и почитувањето на различните ставови е на ниско ниво, стои во анализата на Институтот за демократија. Партискиот дијалог е елитистички и се уште важи девизата-целта ги оправдува средствата, став на дел од експертите. Проблемите според професорката Силјановска-Давкова треба да се решаваат институционално. Најдоброто место за дијалог е Парламентот, но мора да има и контрола врз извршната власт. Феноменот на бојкот вели, не е препознатлив за демократските земји.

„Пратениците не смеат да заборават дека се претставници на граѓаните, а не на партиите. Партијата е само линкот меѓу нас и нив. Но, и ако македонскиот Устав гарантира дека по сопствено уверување ќе одлучуваат, нас ни е јасно дека секогаш гласаат веќе изгласани одлуки“, смета Гордана Силјановска-Давкова, универзитетски професор.

„Малку, малку па некој ќе излезе од Собранието, ние не можеме да врземе две години од нашата политичка историја без некој да е надвор од Собранието, тоа секако не е добро“, вели Миша Поповиќ, Институт за демократија.

Иако може да не се согласуваме за се, спротивното мислење мора да се респектира, смета Јоханес Раи од германската фондација Конрад Аденауер. За него е неприфатливо, секогаш кога нема договор, меѓународниот фактор да ни ги решава проблемите.

„Кога во вашата земја има пробелми, вие тие проблеми не можете сами да ги решите. Зошто секогаш ви треба некој странски медијатор за да ги решите вашите политички проблеми“, прашува Јоханес Раи, фондација „Конрад Аденауер“.

Поминавме низ комплицирана криза за изнаоѓање решение и ние како општество го баравме меѓународниот фактор, вели Алберт Муслиу. Смета дека до тоа дојде бидејќи напорите на политичките елити да се договорат меѓусебно, пропаднаа со последната криза.

„Како што имаме ние обврска кон нашите евроатлански партнери, така имаат и тие обврска кон нас, а и потреба затоа што јас искрено верувам дека во некоја подоцнежна фаза планираат да не примат“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Експертите сметаат дека се потребни поголема внатрепартиска демократија, компатибилност со европските вредности и избегнување на говорот на омраза.

 

Милчо Велевски