Ќе му дадат ли Грците втора шанса на Ципрас?!

17.09.2015 15:16

Анкетите велат дека СИРИЗА ќе победи на изборите в недела со благо водство. Насос Теодоридис од новата партија Леики Енотита или Национално единство, формирана од незадоволните членови на Сириза, за МРТ открива што е она што ги разочарало кај Ципрас...

Топла септемвриска вечер во атинскиот кварт Панорму. Погледите на случајните минувачи и на пензионерите по клупите, запираат на штандовите што политичките партии ги имаат поставено во овој парк.

Екипата на МРТ се наоѓа пред штандот на Леики Енотита, новата партија формирана од незадоволните членови на СИРИЗА. Овде вечерва во знак на нивна поддршка, говори држат членови на шпанската партија Подемос.

Хеус Ромеро, заменик претседател на Подемос од андалузискиот Парламент, за МРТ открива зошто повеќе не ја дава својата поддршка за СИРИЗА и Ципрас.

Сега, откако Ципрас го прифти новиот Меморандум, се е поинаку. Многу луѓе од Подемос излегоа на улиците на различни градови низ цела Шпанија за да го прослават референдумското НЕ. А духот на референдумското НЕ, во моментов во Грција го има оваа партија Национално Единство“, вели Хесус Ромеро – заменик претедател на Подемос за Андалузија.

Идентични се и причините поради кои што членовите на Национално Единство се отцепија од СИРИЗА. Меѓу нив е и Насос Теодоридис, кој што  за МРТ вели дека грешката на Ципрас е прифаќањето на третиот Меморандум, после референдумското НЕ.

Ние сметаме дека со овој договор, Ципрас ги предаде ветувањата што ги даде на грчкиот народ и грчката младина за време на референдумот. На референдумот имаше голема победа на НЕ и 62 проценти од народот гласаше против мерките за штедење и меморанудмот. Ципрас не ја зеде предвид оваа одлука на народот, го смени ставот и потпиша договор што претставува многу тежок Меморандум со многу строги мерки за штедење“, изјави Насос Теодоридис – Национално Единство (Леики Енотита).

На прашањето на МРТ - Што според вас требаше да стори Ципрас? - Теодоридис вели: 

Сметаме дека Ципрас требаше да го елаборира планот Б, со паралелена валута и придвижување кон национална валута, чекор по чекор.

Теодоридис прогнозира победа на СИРИЗА и коалиција со Потами и ПАСОК.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ