40 ученици со симптоми на труење, едно дете задржано на болничко лекување

17.09.2015 15:36

Од Здравствениот инспекторат информираат дека засега не е познат изворот на заразата, но се претпоставува дека учениците се затруени од водата што ја пиеле во училиштето. Земени се мостри за испитување...

Четириесет ученици од прво до четврто одделение од скопското основно училиште „11-ти Октомври“ добиле симптоми на труење. Во текот на вчерашниот ден се јавиле во локалните амбуланти поради силни болки во стомакот.

Од Здравствениот инспекторат информираат дека засега не е познат изворот на заразата, но се претпоставува дека учениците се затруени од водата што ја пиеле во училиштето. Земени се мостри за испитување.

Училниците на сите затруени деца се наоѓале на ист крак во зградата. На десети август поради дефект на водоводната мрежа, директорка ангажирала водоводна фирма да го отстрани проблемот, но во меѓувреме се појавила непријатна миризба покрај еден умивалник.

Родители денеска се собраа во училиштето во знак на протест. Засега едно седумгодишно дете е задржано на болничко лекување, додека останатите се пуштени дома.

Здружени екипи на одговните институции подигнале осум мостри од водата кои се дадени на испитување, а дополнително ќе се испитува и воздухот. Направена е дезинфекција на училиштето. Додека да бидат готови резултатите строго се забранува пиење вода од училишните чешми, а за учениците од погодениот крак има наредба да се преместат во други училници.  

Од училиштето за МТВ ја потврдуваат информацијата, но не сакаат да зборуваат пред камерите се додека не се утврди точната причина за труењето.

По информацијата за затруени ученици се огласи и Општина Центар од каде велат дека е закажана вонредна седница за идниот вторник на која ќе се расправа на оваа тема.

 

Анита Димитријевска