Се решаваат проблемите на занаетчиите и пазарџиите
Владата го донесе Законот за занаетчиство, со кој се воведуваат лиценци за работа, како и електронски занаетчиски регистар. Од еснафот велат дека со овој закон се решаваат децениските проблеми на занаетчиите. Се решаваат проблемите и на околу 23 илјади пазарџии...

Владата го донесе законот за занаетчиство, со кој се воведуваат лиценците за работа, се воведува електронски занаетчиски регистар, се решава прашањето околу чираците кои ќе се обучуваат.
„Предлог законот за занаетчиство веќе помина на Влада. Сите барања од страна на еснафот, од страна на занаетчиите, заедно со Занаетичиската комора на градот Скопје, се инкорпорирани во новите измени на Законот за занаетчиство“, изјави министерот за економија, Беким Незири.
Од еснафот велат дека со овој закон се решаваат децениските проблеми на занаетчиите. Занаетчиството е со традиција и треба да му се помогне тоа да се развива.
„Занаетчиството како двигател на локалниот економски развој цениме дека е еден јак столб и веруваме дека ќе продолжиме во понатамошната соработка за развојот на занаетчиството“, нагласи претседателот на здружението „Еснаф“, Мухедин Брава.
Ќе се решат проблемите и на околу 23.000 пазарџии. Измените на Законот за зелени пазари е во завршна фаза, рече министерот Незири. До крајот на месецов ќе се најде во владина процедура. Пазарџиите бараат да се олесни работата, а регистрацијата да биде со лиценци.
„Пазарџијата не се ослободува од одговорностите што ги има кон државата, туку методологијата се олеснува малку, за да може еден тезгаџија да ги исполни обврските према државата“, вели Екрем Дулип, претседател на Здружението на пазарџии.
Од здружението велат дека со ова очекуваат да се подобри статусот на пазарџиите.
Дијана Ценевска
