Економија

Пари за развивање на бизнисите на микро и малите фирми

17.09.2015 16:08

До 30 септември е продолжен рокот за микро и малите фирми, кои преку Агенцијата за вработување можат да дојдат до неповратни средства за развој на бизнисот и за отворање работни места. Државата обезбедува неповратни средства за опрема и материјали...

Можности за микро и малите фирми да го прошират бизнисот и да отворат работни места. Државата обезбедува финансиска поддршка со неповратни средства, по 92 илјади денари од едно отворено работно местo за фирмите кои до 30 септември ќе се пријават на огласот на Агенцијата за вработување. Парите се наменети за набавка на опрема и материјали. Максимално се поддржуваат до 5 отворени работни места.

„Се поднесува барање до АВРМ со едноставен план за развој на компанијата, каде што во кратки црти се наведува како компанијата планира да го зголеми својот обем и да ги инкорпорира нововработените. АВРМ го разгледува барањето, по што се доставуваат фактурите за опремата и репроматеријалите и се исплаќаат средствата за новите вработени“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Огласот важи за компании кои се регистрирани најмалку 1 година, кои не се во стечајна постапка или ликвидација, навремено плаќаат даноци и придонеси, а минатата година работеле со добивка. Исто така, услов за компаниите кои сакаат да се пријават на огласот е да немаат намалено број на вработени во последните 6 месеци. Програмата не важи за фирми кои се бават со земјоделска дејност.

 

Мартин Пушевски