Срѓан Керим номиниран за Генерален секретар на ООН
Поранешниот министер за надворешни работи, д-р Срѓан Керим номиниран за Генерален секретар на Обединетите нации. Неговата кандидатура доаѓа како резултат на заеднички став на Источно- европската група во ОН, дека следниот генерален секретар по основ на системот на ротација, би требало да биде избран од нејзините редови...

Срѓан Керим, поранешен министер за надворешни работи и претседавач на 62-то Собрание на Обединетите нации, македонската влада го номинира за функцијата - Генерален секретар на организацијата. Од Владата соопштуваат дека неговата кандидатура доаѓа како резултат на заеднички став на Источно- европската група во Обединетите нации од ноември 2014-та, на која припаѓа и Република Македонија, дека следниот Генерален секретар, по основ на системот на ротација, би требало да биде избран од нејзините редови.
„Како резултат на дипломатски консултации и високите оценки за неговото меѓународно искуство, познавање на глобалните светски процеси и квалификации, а особено широкото признание меѓу земјите членки за претседавањето со Генералното собрание на ООН, Владата на Република Македонија оцени дека д-р Срѓан Керим е личност што ги исполнува неопходните услови и критериуми да биде кандидат за функцијата Генерален секретар на ООН“, стои во соопштението од Владата.
Познавачите велат дека земјата прави одличен потег со кандидатурата на Керим.
„Ова е баш добар потег бидејќи обично ние се воздржуваме и не се бориме за разни меѓународни функции. Овој пат настапивме храбро, одлучно и мислам дека кандидатот ги исполнува сите потребни барања за функцијата за која е предложен“, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Според Никовски, влезот во трката сам по себе претставува презентација и промоција на нашата земја, што е секогаш добредојдено.
„Престиж за земјата е, промоција за земјата е што одиме со свој кандидат, и тоа квалификуван“, нагласува Никовски.
Вториот мандат на Бан Ки Мун истекува кон крајот на идната година.
Миле А. Ристески
