Подобри услови за спорт и рекреација за децата од домот „11-ти Октомври“

17.09.2015 16:57

Нова спортска сала и подобри услови за рекреација ќе добијат децата без родителска грижа од домот „11-ти Октомври“. Инвестицијата е 28 милиони денари, салата ќе биде готова за една година. Во функција се 39 нови детски градинки. Седум нови до крајот на годината...

Децата без родителска грижа од Домот „11-ти Октомври“ наскоро ќе добијат подобри услови за рекреација и спорт. Почна изградбата на спортска сала со најсовремена опрема. Ќе се реши долгогодишениот проблем со кој се соочуваа овие деца. Инвестицијата ќе чини 28 милиони денари, ќе биде готова за една година. Премиерот Груевски  уверува дека оваа спортска сала ќе биде максимално искористена и од штитениците и од соседите.  

„Немаат во близина спортска сала, тоа го знам бидејќи поминав 20 години токму во оваа зграда од мојата лева страна, и доста добро го познавам овој терен, оваа населба, но и животот на оние кои живеат тука во оваа установа, новното секојдневие, нивните секојдневни проблеми. Не само оние кога ние политичарите ќе додеме за Нова Година или за Божиќ, туку и пред тоа и потоа. Знам дека ним им недостигаат многу работи. Дел од нив државата не може да им ги надополни затоа што се дел од нивната судбина, но голем дел може. Оваа спортска сала е дел од она што државата може за нив да направи“, изјави премиерот Никола Груевски.

Покрај штитениците салата во слободните термини ќе биде достапна и за други лица, со што би се добивале приходи кои би се вложувале за потребите на институциите.  

„Ќе има најмодерна спортска опрема, ќе биде оспособена да се користи за играње мал фудбал, кошарка, ракомет, пинг понг, гимнастика и многу други спортови, а што е најважно во целост ќе ги задоволи потребите на најмладите. Спортот не смее да биде привилегија само на одбраните“, рече Марјан Спасески, директорот на Агенцијата за млади и спорт.

Во функција се 39 нови детски граденки. До крајот на годината уште седум нови. Тоа е во духот на поддршка на семејствата во Македонија кои имаат деца и во духот на поддршка за подобрување на демографските движења во Македонија, оцени Груевски.

 

Наташа Гркова- Петрушевска