Свечено отворање на „Браќа Манаки“ со премиера на филмот „Лазар“
Актерите Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков се добитници на специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност...

Под мотото „Филмот е убав“ во наредните десет дена во Битола ќе се одржи 36-от Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Актерите Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков се добитници на специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност.
На црвениот килим ќе продефилираат и двајцата кинематографи, лауреати на наградата за животно дело – Ришард Ленчевски и Божидар-Бота Николиќ. На третиот добитник, Јаромир Шофр, наградата ќе му биде врачена на свеченото затворање, на 27-ми септември.
Отворањето е вечерва со светска премиера на филмот „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски и е во знакот на 110 години творештво на Браќата Манаки.
Утре на „Браќа Манаки“ премиерно ќе биде прикажан и документарно-играниот филм „Последниот Македонец-патот до истребување“ во режија на Илија Пиперковски.
Ќе бидат прикажани 215 филмови од 40 земји, а Битола ќе биде домаќин на безмалку 700 еминентни филмски работници, критичари и студенти.
Фестивалот ќе помине и со уште 75 придружни настани на четириесетина локации.
