Бегалската криза се комплицира по затворањето на хрватската граница
Хрватаска ја спушта рампата кон Србија. Унгарија гради ограда кон Хрватска. Словенија нема да даде коридор за бегалците...
Хрватското министерство за внатрешни работи синоќа соопшти дека на неопределено време затвара седум гранични премини со Србија, како и железничкиот сообраќај. Отворен е единствено главниот премин Бајаково, на автопатот Белград – Загреб. Хрватска ја стави во состојба на готовност и војската, откако над 11.000 бегалци влегоа во земјата во изминативе два дена.
Но, имигрантите продолжуваат да влегуваат и денеска од Србија преминувајќи преку нивите околу затворените премини.
„Србија да ја затвореше границата, кога во една ноќ од Грција и Македонија влегоа над 9.000 мигранти, денес Македонија би била соочена со колапс, а ЕУ со хуманитарна катастрофа. Ја преупредуваме Хрватска да не ги затвора меѓународнита патишта и ќе бараме заштита на економските и другите интереси пред меѓународните судови“, изјави Александар Вулин, министер за труд и социјална политика.
Унгарија почна да крева ограда долж границата со Хрватска за да го пресече дотокот на мигранти и веќе распореди војници и полицајци, изјави премиерот Виктор Орбан.
Во меѓувреме, Словенија, која е следната земја на патот на бегалците до Австрија и Германија, соопшти дека го прекинува железничкиот сообраќај со Хрватска.
„Не воспоставуваме коридори. Словенија има на границата со Хрватска шенгенски режим. Тука има одредени правила и низ шенгенската граница не смееме да пропуштиме луѓе кои не ги исполнуваат условите за влез во ЕУ“, изјави словенечкиот премиер Миро Церар.
За денес премиерот Вучиќ закажа седница на службите за безбедност, а во Белград пристига и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ