Хан: Исполнување на договорот и фокусирање на реформите
Именувањето на специјалниот јавен обвинител е важен елемент за нормализација на политичката состојба во земјата, смета еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, но потсетува дека престои уште работа. Во Собранието се обрати пред членовите на Советот за евроинтеграции. Еврокомесарот ќе има и одвоени разговори со лидерите на политичките партии од власта и од опозицијата и со невладиниот сектор...

Овој период е од исклучеително значење да се продолжи онаму кај што се застана со спроведување на реформите, за да може во октомври Европската комисија да даде препорака за почеток на преговорите. Ова е пораката на еврокомесарот Јоханес Хан кој денеска се обрати во Собранието, во Националниот совет за евроинтеграции. Рече дека е задоволен што се почитува договорот од Пржино, ја поздрави одлуката за новиот специјален јавен обвините и новиот Закон.
„Ќе ја потенцирам потребата за добра демократија и за можноста општеството да работи без никаков притисок кога ќе се сретне со претставниците како мене. Признавам дека вашата земја веќе имплементираше голем број на реформи, а оние кои остануваат се амбициозни и политички тешки. Но, тие ќе донесат вистински промени во државата“, нагласи еврокомесарот Хан.
А политичките партии сплотени како никогаш досега. Единствено што имаа да му кажат на еврокомесарот Хан е дека сакаат Македонија да добие препорака за преговори, а веќе во декември да добие одлука за старт на преговорите.
„Република Макеоднија веројатно е најпрепорачуваната земја за членство во Европската унија по бројот на препораки кои ги има добиено. Тоа не некој рекорд кој веројатно ќе биде дел од статистика и извештаи после 10, 20, 30, 40 години, но тоа е факт којшто многу значи во развојот или забавувањето на политичките, општествените и социјалните состојби во Република Македонија“, изјави Илија Димовски од ВМРО- ДПМНЕ.
„Можеби во кризата има и светли моменти. Можеби сега е време и Македонија и Грција да седнат заедно и да ја погледнат вистината во очи и да сфатиме дека решението ќе го најдеме заеднички, не одвоено“, рече Лидија Димова од СДСМ.
„Во 10 годишнината, малиот јубилеј на добивање на статус земја- кандидат, Република Македонија во 2015-та година заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ“, смета Ермира Мехмети од ДУИ.
На добар пат сме, но сеуште не сме ја постигнале целта. Ова беше одговорот на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на барањата на пратениците кои денеска ги изнесоа пред Националниот совет за евроинтеграции. Рече дека Македонија ако продолжи вака ќе добие препорака за почнување на преговорите, меѓутоа почетокот на преговорите веројатно би се случил откако ќе се завршат сите задачи, а дел од нив се и фер и демократски избори во април.
Она што не беше изоставено на денешната седница на Националниот совет е и бегалската криза. Еврокомесарот Хан рече дека се разгледуваат можностите, освен паричната помош која што беше спомената вчера од ИПА фондовите на ЕУ, да и биде дадена и друга помош на Макеоднија, која нормално ќе ја побара.
Инаку, во текот на денешниот ден, еврокомесарот Хан ќе одржи средби со политичките лидери, а во 15 часот во Министерството за финансии ќе започне и ХЛАД-от, односно претпристапниот дијалог на високо ниво. Прес- конференцијата на еврокомесарот Хан е закажана за 18 часот.
Катерина Топалова
