Во ОУ „11-ти Октомври“ нема настава, се чекаат резултати од анализите

18.09.2015 15:15

Во основното училиште „11-ти Октомври“ во Општина Центар денеска немаше настава поради труење на ученици. Ова ќе важи се до целосното решавање на проблемот и откривањето на причинителот за труењето. Земени се мостри, а резултатите се очекуваат утре. Директорката тврди дека водата е исправна за пиење. Се сомнева на вирус...

Околу 650 ученици денеска не дојдоа на настава. Училиштето „11-ти Октомври“ во центарот на Скопје останува затворено, се додека не бидат готови лабараториските анализи.

Директорката Костадинова тврди дека водата за пиење не e причината за труењето кај учениците, но се сомнева дека можеби станува збор за појава на вирус. Во училниците е топло вели, а тоа може да предизвика ширење на заразата. Основците предходно немале никакви симптоми, но пред два дена околу 40 дечиња наеднаш почнале да чуствуваат мачнина и да повраќаат. Костадинова тврди дека водоводната мрежа е исправна и дека  сите потребни контроли биле направени пред почетокот на учебната година.

„Јас пред да разговарам со вас пиев од водата и верувам дека во водата нема ништо. Сето ова е исценирано на друг начин. Влијание има и топлината, во училниците е премногу топло и ако имало некој вирус кој децата го донеле, топлината влијае вирусот да се рашири“, изјави директорката на училиштето Даниела Костадинова.  

Епидемиолозите во текот на вчерашниот ден зедоа мостри од водата и воздухот. Се испитува нивната исправност. Забележале некарактеристична миризба во училниците каде престојувале децата. Лабораториските анализи кои треба да ја утврдат причината за труењето, треба да бидат готови најрано до утре.

„48, максимум 70 часа треба да се почека за да се добијат извештаите и да се види што понатаму, како и да се види што ќе каже Водовод. На едно место до една училница близу до умивалникот е осетен посебен мирис за што е повикана стручна екипа која вчера беше на терен“, изајви Џевџес Шакири, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Основците кои се пожалиле на сиптоми на труење биле сместени во еден крак на училиштето. Едно од заболените дечиња сеуште се наоѓа на Клиниката за инфективни болести и е во стабилна состојба.

 

Викторија Милевска