Битола во центарот на светската филмска уметност- почнува „Браќа Манаки“
Од вечерва па во следните десетина дена Битола ќе биде центарот на светската филмска уметност. Со светската премиера на македонскиот филм „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски, вечерва се отвара 36-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Во Битола се присутни и добитниците на престижната награда „Златна камера 300“, актерите Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков кои од општината добија плакета со грбот на градот, признание што се дава на почесни гости...

Со светската премиера на македонскиот филм „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски вечерва се отвара 36-тото издание на Интернационлниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Годинешново издание на оваа ретка манифестација што ја вреднува улогата на камерата во филмската уметност ќе понуди над 200 филмски остватувања од најразлични видови и многу други пропратни настани што ќе му дадат посебна димензија на фестивалот.
„Фестивалот е подолг за три дена и обемен по содржините. Квалитетот на филмовите и присуството на светски познатите имиња од филмската уметност не става високо на мапата на филмските фестивали“, вели директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитар Николовски.
По свечениот црвен тепих се очекува да продефилираат голем број истакнати имиња од светската кинематографија. Фокусот на вниманието ќе биде свртено кон добитниците на специјалната награда „Златна камера 300“, актерите Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков. Актерите кои припаѓаат на различни генерации, но секој од нив е филмска појава пред која публиката се поклонува, се восхитени од убавината на градот кој им додели плакети со грбот на Битола и се доделува на почесни гости.
„За Битола и фестивалот првично се запознав преку податоците на интернет но воодушевен сум од вашата историја за балканската филмска уметност и мислам дека почесто треба да се прават вакви фестивали, тие се чувар на историјата и културата“, рече рускиот актер Алексеј Серебрјаков.
„Пресреќен сум од наградата и изненаден сум од гужвата што ја видов на главната улица, убава е и македонската кујна, посебно салатите“, нагласи актерот Бруно Ганц.
„Присуството на овие две еминентни имиња, две ѕвезди на светската филмска уметност само покажуваат за реномето на фестивалот“, рече битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Под мотото „Филмот е убав“, филмскиот маратон ќе трае до 27-ми септември.
Стевче Митервски
