Железничките станици добиваат модерен лик

18.09.2015 16:06

Драстично ќе се намалат трошоците за одржување на објектите, а патниците ќе добијат современ простор за добивање превозни услуи. Веќе се работи на железничките станици во Велес и во Прилеп...

За неколку месеци железничките станици во земјава ќе добијат сосема нов, модерен изглед. Се следи темпото на капиталните инвестициски зафати во железничкиот сообраќај, односно набавката на модерни транспортни вагони, современи патнички гарнитури, купувањето нови влечни средства. Од темел се реконструираат 11-те железнички станици, ќе добијат енергетски ефикасна надворешност. Драстично ќе се намалат трошоците за одржување на објектите, а патниците ќе добијат современ простор за добивање превозни услуи. Веќе се работи на железничките станици во Велес и во Прилеп.

„Отпочнати се градежните работи и на станиците во Градско и Демир Капија, а останатите ќе бидат воведени во градба веднаш по комплетирање на потребната документација и добивање одобренија за градење. Тоа се железничките станици во: Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар. Во финална фаза е и реконструкцијата на железничката станица во Скопје и таа ќе биде комплетно завршена до ноември“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Се реновираат билетарите и чекалните, санитарните јазли, се менува водоводната и електрична инсталација, осветлувањето и се воведува најсовремен систем на загревање. За информирање на патниците ќе се вградат модерни електронски табли. Се менуваат крововите и се градат рампи за пристап на лицата со намалена подвижност.

Вкупната цена на сите градежни зафати на 11– те станици изнесува 5 милиони евра. Половина од овој износ ќе се потроши за реконструкција на главната железничка станица во Скопје, а другиот дел за 10-те станици на коридорот 10 и кракот 10д.

Градежните интервенции на 10-те станици се први посериозни зафати на овие објекти по период од 70 години, од времето кога биле изградени. Нивната модернизација треба да биде целосно завршена во 2016-та.

Свето Николовски